fbpx

Тест Toyota RAV4: (Р)евидирање на (А)втентичните (В)редности

Низ времето во многу наврати сме имале прилика да се дружиме со моделот RAV4 во речиси сите негови изведби, а како врв во понудата кај 5-та генерација  доаѓа и изведбата со Plug-In Hybrid систем. Станува збор за модел што претставува електрифициран одговор на растечката побарувачка за SUV возила со што е можно пониска емисија на штетни гасови, без притоа да прави компромис во доменот на перформансите.

Тест-Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

Непогрешливо свој

Како и секој RAV4 и Plug-In Hybrid изведбата изгледа исто како и неговата стандардна верзија. Разликите се толку минимални што едноставнo не се забележливи ако добро не ги познавате варијантите. Сепак, за да го дистанцира од своите „самополнечки“ роднини јапонците додавааат неколку дизајнерски и функционлани елементи.

На надворешноста се поставени Plug-In Hybrid ознаки, поинаква е решетката на ладилникот, алуминиумските 19 инчни бандажи се со специфичен дизајн, а тука е и втора вратичка на десната задна страна, идентична како онаа од спротивната страна каде што точите гориво. Но, овде го приклучувате возилото на електрично понење. Остатокот е онаков како што го познаваме од неговото лансирање во 2018 година, дизајнот комбинира фини движења со линии што му даваат карактеристичен и динамичен изглед кои и денес изгледаат модерно и свежо.

На предниот дел доминира широката маска која е комбинирана со остри и тенки LED светлосни групи кои создаваат моќна слика. На страните, истакнатиот профил е подржан од широките лакови над тркалата што го прави возилото елегантно, а сепак полно со робустен стил. Задниот дел е карактеризиран со препознатливи светлосни групи, широк браник и аеродинамички елементи кои се одговорни да го намалат отпорот и да ја зголемат ефикасноста на возилото. Се на се, евидентно е дека дизајнерите го искористиле секој агол и линија за да го потенцираат спортскиот дух на RAV4, кој дополнително не само што треба да изгледа робусно, туку и функционално во однос на неговите офроуд способности.

Простор и технологија во служба на комфорот

Ентериерот на RAV4 остава впечаток на висок квалитет, со копчиња и завршни детали кои не се претерано луксузни или блескави, туку создадени со акцент на цврстина, издржливост и софистицираност. Секој детал е прецизно изработен за да понуди врвен комфор и функционалност. Она што ќе ги израдува сите што се навикнати да командуваат со функциите преку физички прекинувачи се големите копчиња и контроли кои доминираат во опкружувањето. Нивното присуство докажува дека некои едноставни команди не треба дополнително да се компликуваат и да се вметнуваат како „виртуелни“ прекинувачи на инфозабавниот екран.

Низ кабината има многу места за складирање, широки прегради на вратите можат да примат и поголеми шишиња, големата остава под централниот наслон за раце е секогаш добродојдена, а безжичниот полнач за паметни телефони е со гумена полога. Детали кои потврдуваат дека ентериерот на RAV4 е приспособен за секојдневен семеен живот е широкиот агол на отварање на задните врати и пристапот до задната клупа. Место има на претек, па затоа и повисоките патници можат удобно да се сместат без да допираат со нозете во предните седишта.

Багажниот дел обезбедува 500 литри простор под полицата, кој се зголемува на повеќе од 1600 литри кога седишта се спуштени, што повторно не остава место за приговор од наша страна. Технологијата која се користи во RAV4 е на високо ниво, а кабината е опремена со модерен инфозабавен систем Touch 2 што е лесен за користење, истиот поддржува спојување со Android Auto и Apple CarPlay за максимална поврзаност и лесна навигација.

Тест-Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

Возачот на местото од стандардинте аналогни инструменти добива дигитален дисплеј, кој ги прикажува најважните информации во текот на патувањето.  Дополнително, тестираниот примерок е опремен со музички систем на реномираниот производител JBL со 9 звучници со премиум квалитет, кој може да ги задоволи дури и најпребирливите слушатели. Сите овие карактеристики ја прават кабината пријатна, технолошки модерна и идеална за секојдневни урбани рути или долги семејни патувања.

Перформанси и ефикасност на едно место

Приклучниот хибрид кај RAV4 е опремен со минимално модифицирана верзија на 2.5 литарскиот 4 цилиндричен бензински мотор кој работи според Аткинсовиот циклус. Неговата максимална моќ изнесува 185 КС и располага со влечна сила од 227 Nm, а во целата игра влегуваат уште два елетромотори, по еден на секоја оска. Предниот располага со моќ од 180 КС и 270 Nm, додека задниот елетромотор овозможува максимални 55 КС и 121 Nm влечна сила. Сложениот системски склоп развива вкупна моќност од 306 КС, што воедно ја прави оваа изведба најмоќна и најбрза (0-100 км/ч = 5,7 секунди!) во семејството на RAV4.

Тест-Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

Хибридниот систем дозволува RAV4 Plug-In да работи како целосно електрично возило, благодарение на литиум-јонската батерија со капацитет од 18,1 kWh што е идеално во градски услови. Нејзиниот капацитет овозможува автономија до 98 километри во град или 75 километри при комбинирано возење во чисто електричен режим.

За време на неколкудневното дружење, во комбиниран циклус ние ја испразниме батеријата после 66 изминати километри. Што е секако за нијанса помалку од декларираното, но сигурно е повеќе од соодветно за целодневно возење без да се потроши ниту една капка бензин. Електричната енергија како движечка сила може да се користи до максимални 135 км/ч што се брзини соодветни за на автопат. Сепак, наша препорака е возилото на отворен пат да се користи во хибриден режим со цел да ја постигне оптималната ефикасност на системот, а електричната енергија да се сочува и користи кога повторно ќе пристигнете во урбана средина.

Полењето на  батеријата како и кај „стандардниот“ RAV4 се одвива на неколку начини, во возење тоа најчесто се случува преку рекуперација на енергијата од сопирање, но и со работа на бензинскиот мотор, што не е доволно за да ја наполни големата батерија во целост, но секогаш акумулира доволно енергија која се чува како резерва за потребите на хибридниот систем.

Тест-Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

Бидејќи е ова приклучен „Plug In“ хибрид примарно е надополнувањето да се изведува на полначи преку електричната мрежа за што се потребни најмалку 2 часа и 30 минути или 7 часа доколку се полни во домашни услови преку стандарден приклучок. Откако елетроните ќе престанат со своето дејство, тогаш на сцената го имаме добро познатиот и проверен хибриден систем кој во целост ја превзема функцијата на главен двигател. Тоа во пракса се изразува преку потрошувачка од 5,5 литри во градски услови на возење или 6,9 литри на отворен пат при константна брзина од 120 до 130 км/ч. Ако се земе во предвид тежината од скоро 2.000 кг. и моќноста со која располага RAV4 ефиксноста е делот на што многу од конкурентите му завидуваат.

Проверена формула

Како по традиција Toyota кај хибридните модели користи безстепена континуирана варијабилна трансмисија (i-CVT) која ја распоредува силата од хибридната единица и напредниот  (AWD-i) кој обезбедува моменталното прилагодување на погонот. Овој интелигентен систем автоматски ја распределува моќноста помеѓу предните и задните тркала според условите на патот, овозможувајќи поголема прецизност и стабилност при возење без разлика на условите на патот и теренот на кој се наоѓа возилото. Дополнително, возилото располага со неколку режими на возење, вклучувајќи EV Mode за целосно електрично возење, Auto Mode кој автоматски го прилагодува погонот на условите, и Sport Mode кој го зголемува одзивот и динамичноста на возењето. Наведените режими на работа дозволуваат флексибилност и лесно прилагодување на карактеристиките на возилото според моменталните потреби.

Моделот RAV4 Plug-In Hybrid со AWD-i погон е многу повеќе од „само“ хибриден SUV, тој преставува совршена синтеза на ефикасност, практичност и иновативна технологија изведени по највисоки стандарди. Со овој модел, Toyota успеа да понуди возило кое не само што ги исполнува строгите еколошките барања, туку и нуди моќни перформанси и динамика кои во реални услови ги надминуваат очекувањата.

Тест-Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

Цена на тестираниот модел 65.990 евра

Технички податоци за Toyota RAV4 2.5 Plug-In Hybrid AWD-i Style

мотор Euro VId TEMP, бензин, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.487 см3
пречник и од 87,5 x 103,4 мм
степен на компресија 14:1
напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото
максимална моќ на мотор со внатрешно согорување 185 KС (138 kW) при 6.000 min/-1
максимална моќ на преден електромотор 180 KС (134 kW) при 0 min/-1
максимална моќ на заден електромотор 55 КС (40 kW) при 0 min-1
макс. вртежен момент  на мотор со внатрешно согорување 227 Нм при 3.200 – 3.700 min-1
вртежен момент на преден електромотор 270 Нм
вртежен момент на заден електромотор 121 Нм
капацитет на батерија Бруто 18.1 kWh, Нето 16.6 kWh (Li-Ion)
трансмисија на сите тркала преку безстепен автоматски E-CVT менувач
потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад multilink, спирални пружини, телескопски амортизери
сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
пневматици 235/55 R19 (напред) 235/55 R19 (позади)
каросерија SUV со пет врати, пет седишта
должина х ширина х висина 4.600 x 1.855 x 1.690 мм
меѓуоскино растојание 2.690 мм
траги (напред/назад ) 1.610/1.640 мм
тежина 1.996 кг
максимална тежина 2.510 кг
багажник 500/1.168/1.604 литри
резервоар 55 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување 0-100 km/h 5.7 секунди
потрошувачка (просек) 1,0 л/100 км
емисија на CO2 22 г/км

Toyota RAV4 во Македонија

Toyota RAV4 Hybrid FWD Comfort 42.790 евра
Toyota RAV4 Hybrid FWD Executive 49.890 евра
Toyota RAV4 Hybrid AWD Executive 53.690 евра
Toyota RAV4 Hybrid AWD Style 57.990 евра
Toyota RAV4 Hybrid AWD Adventure 58.490 евра
Toyota RAV4 Hybrid AWD GR Sport 58.990 евра
Toyota RAV4 Plug In Hybrid AWD Executive 52.290 евра
Toyota RAV4 Plug In Hybrid AWD Style 56.690 евра

Повеќе информации во Toyota Авто Центар, на (0) 2 30 88 880 или на www.toyota,com.mk

Конкуренти:

Nissan X-Trail од 46.190 до 67.490 евра
Ford Kuga (Hybrid) од 36.900 до 51.500 евра
Range Rover Evoque (Plug in Hybrid) од 65.900 до //./// евра
Hyundai Tucson (Hybrid) од 42.500 до 53.300 евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button