fbpx

Тест Volkswagen Amarok: На повисоко ниво

Моделот Amarok премиерно беше лансиран во 2010 година, како првенец од својот вид за марката од Волсфсбург. Денес, речиси 13 години подоцна пред нас е долгоочекуваниот, нов Volkswagen Amarok. Поголем, посмел, попрефинет, подобро поврзан и далеку поспособен „германски“ пикап од било кога до сега.

На самиот почеток мора да појасниме, целосно новиот Amarok е создаден со помош на друга почитувана автомобилска марка. Во оваа прилика како дел од пошироката соработка помеѓу Volkswagen и Ford во областа на комерцијалните возила каде компаниите имаат интензивна размена во двата правци. Ваквите соработки не се ништо ново во автомобилската индустрија, за тоа сведочат многу примери, а тука ќе го спомнеме само пикапот Mercedes X-Class кој беше базиран на добро познатиот модел Nissan Navara. На крајот на денот бенефитот е обостран, а на купувачот му се нуди уште една дополнителна алтернатива при изборот.

Тест Volkswagen Amarok

Сериозна појава

Како што е ред, секоја компанија што држи до себе вметнува некои делови и финеси кои ќе го дистанцираат од останатите и ќе го поврзат одредениот модел со карактеристиките на возило кое доаѓа од куќата, во случајов на Volkswagen. При првата средба со Amarok здивот го одзема маркантната појава и „гигантските“ пропорции. Неговата должина изнесува огромни 5.350 мм, широк е 1.910 мм, а висината е далеку над просекот на жител во нашата земја и изнесува 1.884 мм. Ако на сето тоа ги додадете и меѓоскиното растојание од 3.270 мм и одалеченоста од асфалтот 235 мм станува јасно дека пред вас е сериозен примерок.

 

Тест Volkswagen AmarokКако што може да се види од приложеното, новиот Amarok има доста уникатен изглед. На прв поглед, може да се забележат идентични елементи со својот брат близнак, како што се надворешните ретровизори, рачките на вратите и линија на покривот, но тука завршува секоја поврзаност. Браниците се сосема различни, како и пластичните обраби над тркалата, светлосните склопови го следат IQ патернот на компанијата, плус тука е и маската на VW која е голема и импозантна, а на задниот дел помеѓу двата светлосни групи со облик на бумеранг, на задната врата гордо стои втиснато името на моделот.

Пикап не е само работно возило

И покрај заедничката основа со Ford Ranger, одговорните во Volkswagen се погрижија да вментнат доволно елементи по кои ќе се разликува дизајнот на ентериерот кај моделот Amarok. Ако ги барате, има голем број на детали кои ги поврзуваат овие два модели, како што се клучот, необичните рачки на вратите и менувачот, но она што е важно е изгледот на контролната табла, која е сосема поинаква кај Amarok, изведена со посуптилен пристап.

Кај повисокиот дел од гамата, вклучувајќи го и тестираниот модел (Style) има 12,3-инчен екран наменет за за инструментите пред возачот и 12-инчен екран на допир поставен во портрет ориентација што се грижи за инфозабавниот систем и дел од функциите на климатизацијата. Физичките прекинувачи се присутно во мал број, но сепак ги има, поставени се под екранот и зад рачката на менувачот со што е овозможен брз пристап до одредени функции. Системот овозможува поврзување со Apple CarPlay и Android Auto, а не е заборавена ни подлогата за безжично полнење, како и двата типа на USB порти.

Се забележува дека управувачот е производ на VW, а големо задоволство е што на него се поставени физички копчиња, а не „хептички“ команди како што се користат во поновите генерации на патнички автомобили. Самиот кабински простор делува доста богато за ваков тип на возило, просторот во кабината ги надминува очекувањата. Првенството е дадено на предните седишта каде комфорот е исклучителен, но не се заборавени ниту патниците на задната клупа од која нема се пожалат и покрупни лица.

Севкупниот впечаток на внатрешноста е одличен во визуелна смисла, сликата не бледее ни и од перспектива на квалитетот на употребените материјали, додека пакетот на опременост во тестираниот примерок оди до таму што е на еднакво ниво како кај развиканите SUV модели. Кој вели дека пикап треба да е само работно возило? Кога веќе зборуваме за пикап неизбежно е да се спомене и неговиот товарен простор. Овој тип на возила во светот е познат и под името „еден тон пикап“, а Amarok во целост го оправдува истото. Со себе може да понесе една евро палета или тежина која не ја преминува границата од 1.100 килограми, алките кои се поставени во товарниот простор дозволуваат прицврстување на терет до максимални 400 килограми. Доколку пак имате потреба да транспортирате нешто што е далеку потешко или погабаритно, и тоа не е проблем, бидејќи капацитетот за влечење на приколка изнесува 3.500 килограми.

Шест цилиндри се вистинската мерка

Компанијата Volkswagen со Amarok јасно порачува дека неговиот талент не егзистира само на асфалтна подлога. За комфорот и стабилноста се грижи зголеменото меѓуоскиното растојание за 175 мм, што исто така се грижи за подобра способност кога е надвор од патот. Аголот на пристап е 30 степени, додека максималниот агол со кој одстапува е 26 степени. Овие параметри, во комбинација со автоматскиот менувач и погонот на четири тркала, што овозможува заклучување на диференцијалот на задната оска, го ставаат Amarok во добра позиција кога треба да се управува во предизвикувачки услови на терен.

Со големо растојание од подлогата и 3,0-литарски V6 турбодизел агрегат што располага со моќност 240 КС и уште поважните 600 Нм влечна сила, Amarok добро се справуваше со сложените предизвици по патеки на кои се движевме. Десетстепениот автоматски меувач својата работа ја извршува на висина на задачата, секогаш го одржува моторот на потребните вртежи како не би изгубил ни тронка од перформансите, што резултира со одлични возни карактеристики на и вон асфалтната подлога. Доколку сакате, можете да ги изберете брзините рачно, а тоа се изведува преку копчињата поставени од страната на менувачот. Сепак, оваа функција не делува толку интуитивно за користење и бара привикнување.

Во „регуларни“ услови, трилитарскиот V6 му дава на Amarok способност да се движи многу лесно и при типично секојдневно возење, дигиталниот бројач на вртежи вели дека речиси цело време сме помеѓу 2.000 и 2.500 вртежи во минута. Промените на брзините обично поминуваат незабележливо се додека возите разумно, доколку ви треба ненадејно да забрзате, менувачот инстантно ќе спушти неколку брзини подолу како би го задоволил моменталното барање. Додека се движите низ многуте режими на возење, секоја од нив покажува детална анимација на дисплејот пред возачот која е дизајнирана да им помогне на оние кои можеби не се толку искусни или сигурни кој режим да го изберат во дадена ситуација. Откако ќе се избере саканиот мод на возење, возилото автоматски ја активира применливата поставка за менувачот и погонот, што значи дека процесот може да започне.

Тест Volkswagen Amarok

За сите кои ги интересираат перформансите ќе кажеме дека забрзувањето на речиси 2.3 тешкиот пикап од место на мирување до 100 километри на час трае само 8,8 секунди, додека максималната брзина со која може да се движи изнесува 180 км/ч. За време на нашето дружење во просек трошевме по 12,0 литри дизел гориво на секои 100 изминати километри, што е над декларираниот просек, но во рамките на очекуваното.

Новата генерација на Volkswagen Amarok е сестрано возило кое може да покрие многу повеќе од секојдневните потреби на едно просечно семејство или мал бизнис.  Доволно цивилизиран за асфалтни потреби и максимално подготвен за теренски авантури. Останува само прашањето, дали ви е потребно вакво возило? Доколку одговорот е позитивен, тогаш слободно препуштете се во целост на еден од најнапредните пикап возила во моментов на пазарот.

Технички податоци за Volkswagen Amarok V6 Style 

Цена на тестираниот модел: 52.600 евра

Мотор Euro VId TEMP, дизел, четиритактен, шестцилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
работна зафатнина 2.993 см3
пречник и од 84,0 x ,0 мм
степен на компресија 16,0:1
Напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
максимална моќ 240 KС (177 kW) при 3.250 min/-1
макс. вртежен момент 600 Нм при 1.750 – 2.250 min-1
Трансмисија на сите тркала преку 10-степен автоматски менувач
Потпирање напред мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад торзиона оска, лиснати пружини
Сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
Пневматици 255/65 R18 (напред) 255/65 R18 (позади)
Каросерија Пикап со четири врати, пет седишта
должина х ширина х висина 5.350 x 1.910 x 1.884 мм
меѓуоскино растојание 3.270 мм
траги (напред/назад ) 1.620/1.620 мм
Тежина 2.248 кг
максимална тежина 3.350 кг
Багажник 1.100 кг
Резервоар 80 литри
максимална брзина 180 км/ч
забрзување 0-100 km/h 8.8 секунди
потрошувачка (отворен пат/град/просек) 10,5/12,8/10,3 л/100 км
емисија на CO2 270 г/км

Volkswagen Amarok  во Македонија

Amarok 2.0 TDI M6 168 HP 39.528 евра
Amarok Life 2.0 TDI A10 201 HP 42.321 евра
Amarok Style 3.0 TDI A10 240 HP 46.909 евра
Amarok Panamericana 3.0 TDI A10 240 HP 53.196 евра
Amarok Aventura 3.0D A10 240 HP 54.369 евра

Повеќе информации во Порше Македонија на тел. (2) 26 26 266 или на www.vw-komercijalnivozila.com.mk

Toyota HILUX од 36.690 до 53.590 евра
Ssangyong Musso Grand од 28.730 до 39.410 евра
Isuzu D-Max од 33.113 до 41.257 евра
Ford Ranger од //./// до //. /// евра
СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

Поврзани вести

Back to top button