Тест Volkswagen ID.4: СУВ што го предводи новиот бран
Откако Volkswagen објави дека тргнува по целосно електричен пат, многу пред европското законодавството да ги принуди традиционалните производителите на автомобили, моделот ID.4 е најочекуваниот производ во новата електрична гама на германската марка.
Моделот ID.4 е второто возило кое е дел од сега веќе 4 членото ID семејството на германскиот бренд. Поставен на MEB платформата, специјално дизајнирана за електрични возила на марката Volkswagen, овој целосно електричен СУВ претставува нова ера за марката која одлучи дека пресвртницата мора да се случи што е можно поскоро и дека сите нејзини модели мора да бидат целосно електрични во блиска иднина.
Пријателски карактер
Кога станува збор за надворешноста важно е на самиот почеток да се спомене дека нaдворешниот дизајн на Volkswagen ID.4 со сигурност ќе го привлече вниманието каде и да се појавите со него. Иако се одликува со доста чисти линии, за момент делува елегантно, а во друг момент дури и спортски. Како и да гледате на него, за кратко ви станува јасно дека аеродинамиката играла голема улога во целиот процес. Таа пак му овозможува да се лизга низ воздухот со минимален отпор, што помага да се подобри опсегот и ефикасноста на овој модел.
Предниот дел на возилото гордо го истакнува логото на VW, а светлосните склопови се тенки и поврзани меѓусебно со тенка, издолжена лед-светлечка лента. Дизајнерскиот тим на каросеријата и подарил мазни движења и рационализирана форма која се движи флуидно од профилот кон задниот дел, што е овозможено со благо закосена линија на покривот и подигнатиот заден крај што го каратеризира ID.4 и воедно го издвојува од останатите SUV возила на пазарот. Како дел од надворешноста неминовно е да се спомене и графичкиот танц на светлосните склопови кои се нераздвоен дел од целокупната естетика, како на предниот дел, така и на задниот крај.
Со својата престава за добредојде (кога се отклучува возилото) и единствениот поздрав (кога се заклучува возилото) создава посебна поврзаност со автомобилот и насмевка на лицето на секој што го управува и поседува. Футуристичкиот стајлинг е дополнет со леснометалните бандажи развиени да бидат што е можно поаеродинамични, во случајов облечени во пневматици од 19 инчи со спецификација за електрични возила.
Добре дојдовте во иднината
Кабината на Volkswagen ID.4 е дизајнирана да биде пространа и модерна, со фокус на едноставноста и функционалноста. Во внатрешноста владее целосен минималистикиот стил, единствени хардверски прекинувачи се оние за контрола на прозорите и лостот за селектирање на првецот на движење поставен високо зад управувачот. Едноставно сè е ориентирано во дигитален смер, големиот инфоабавен екран, капацитативните прекинувачи и „слајдерите“ се движечката сила на новата, напредна генерација на автомобили кои доаѓаат од Волфсбург. Нешто ни се допаѓа, а некои работи тешко ни минуваат низ глава. Како пример ќе ги посочиме прекинувачите за контрола на прозорците од кои се присутни само два, а треба да опслужат 4 прозорци, па затоа пред да притиснете треба да проверите дали сте во посакуваниот „мод“ на работа. Тука некаде е и „слајдерот“ за контрола на глас кај инфозабавниот систем, кој навечер е тешко воочлив бидејќи иако можело, сепак не е осветлен.
Од друга страна пак, дигиталната контролна табла со екран од 5,5 инчи поставена пред возачот е чиста и на неа се прикажани само непоходните параметри, не е натрупана со информации кои може да доведат до забуна. Во моделот ID.4 со сите функции се управува преку големиот инфозабавен екран сместен виско на централната конзола, неговиот интерфејс делува интуитивно, важно е да се нагласи дека системот работи со исклучителна брзина, а компанијата постојано работи и го подобрува софтверот, испраќајки (over the air update) нови верзии на сопствениците, налик на она што го прават производителите на паметните телефони. Кога веќе ги споменавме телефоните, поврзувањето со двата најпопуларни оперативни системи се одвива по безжичен пат.
Се е подредено на комфорот
Во исто време, престојот во кабината создава опуштена атмосфера преку внимателно спарените бои, текстури на материјалите и можности за персоналицазија на амбиенталното осветлување. Квалитетот на завршната обработка го дополнува комфорот што се истакнува на секој дел од кабината.
Благодарение на несекојдневно долгото меѓуоскино растојание и дарежливите димензии на внатрешноста, комфорот е забележлив во сите правци што во целост ќе го уживаат 5 лица. Во овој случај не е заборавен ниту практичниот елемент, затоа багажниот простор располага со волумен од 543 литри во основната конфигурација, а со соборување на задната клупа проторот се искачува до „комбиевски“ 1.575 литри.
Рационален соодност
Во тестираниот примерот под ознаката Pro Performance за производство на сила е задолжен вториот по јачина електричен мотор достапен кај ID.4, неговата моќност изнесува 204 КС и создава 310 Нм што одат кон задната осовина која пак е задолжена за дистрибуција на подлогата. За пакетот на батерии од (достапни) 77 kWh производителот декларира радиус на движење од над 500 километри со едно полнење, се разбира доколку се следи препорачаниот начин и брзини на движење во сообраќајот.
Нашето искуство вели дека во периодот кога ни беше одстапено возилото во градски услови просечно трошевме 19.8 kWh, додека на отворен пат 25.3 kWh ел.енергија, во предвид треба да се земе дека во истиот период утринските темпратури беа под 0 степени, а дневните едвај одеа во позитива. Во овој период од годината во градски услови сте блуску до 400 километри со полна батерија, додека на отворен пат 300 километри е рутата која е максимално достапна пред ID.4 да се приклучи повторно на полнач, но штом температурите започнат да одат нагоре, сметајте на подобар опсег во просек за 15%. Начинот на дополнување е изведен по принципот на AC 11 kW полнач кој може да ја наполни батеријата од 0-100% 7:30 минути или на брз DC полнач од 125 kW преку кој енергијата од 5 до 80% се складира за 38 минути.
Управувањето со ID.4 е изненадувачки импресивно, особено ако се земе во предвид тежината од речиси 2.2 тони, свој допринос во овој дел имаат и поставеноста на батерискиот систем и распоредот на масата, која е речиси идеална, а не смее да се изостави ниту добро избалансирана шасија.
Забава во движење
Во возење ID.4 делува забавно, максималнo рафиниран, удобноста е на завидно ниво, додека за чувството на возбуда зад управувачот е задолжен спортскиот модус на работа преку кој се достигнува максималното забрзување од 0 до 100 км/ч. за 8,2 секунди и предвидливо подуправување кога по силно притискате на педалот за забрзување во свиоци. Како и секое електрично погонувано возило кое доаѓа од Волфсбург и ID.4 e лимитиран на максимални 160 км/ч. што е сосема разбирливо. Овој модел не е она што би го нарекле „возачки автомобил“, но тој не е ниту дизајниран да биде, наместо тоа, ID.4 е многу способен и сигурен семеен СУВ и во таа улога највеќе се истакнува.
Генерално гледано, Volkswagen ID.4 се наметнува како одличен избор за секој што бара целосно електричен СУВ кој нуди одличен баланс на перформанси, опсег и модерен стил. Со својот радиус на движење, моќниот електричен мотор и напредните функции, тој е фантастична опција како за урбано, така и за возење на подолги растојанија. Со моделот ID.4 компанијата прави голем чекор напред преку кој ги искажува своите абиции, сериозност и посветеност кон неизбежната и се поблиска, електрична иднина.
Цена на тестираниот модел 62.820 евра
Технички податоци за Volkswagen ID.4 Pro Performance:
Мотор | електричен |
максмална моќ | 150 kW (204 КС) |
макс. вртежен момент | 310 Nm |
Трансмисија | На задни тркала преку директен менувач |
Потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад Multi link, спирални пружини, телескопски амортизери |
Сопирачки | напред дискови назад барабани, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
Пневматици | напред: 235/55 R19 назад 255/55 R19 |
Каросерија | SUV со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.584 х 1.852 х 1.640 мм |
меѓуоскино растојание | 2. 771 мм |
траги (напред/назад) | 1.587 / 1.565 мм |
тежина | 2.124 кг |
максимална тежина | 2.660 кг |
багажен капацитет | 543/1.575 литри |
максимална брзина | 160 км/ч |
забрзување (0-100 км/ч) | 8,5 секунди |
капацитет на батерија | 77 kWh (бруто 82 kWh) |
декларирана просечна порошувачка на ел.енергија | 18,6 kWh/100 km |
времетрање на полнење | AC 11 kW 0-100% 7:30 мин, DC 125 kW 5-80% 0:38 мин. |
автономија на движење | 508 километри |
емисија на CO2 | 0 г/км |
Volkswagen ID.4 во Македонија:
ID.4 Pro 174 КС | 56.408 евра |
ID.4 Pro Performance 204 КС | 58.139 евра |
ID.4 Pro 4Motion 265 КС | 61.101 евра |
ID.4 GTX 299 КС | 65.772 евра |
Повеќе информации во Volkswagen Македонија, на (0) 2 26 26 266 или на www.volkswagen.com.mk
Конкуренти:
Hyundai IONIQ5 | од 47.000 до 65.000 евра |
Toyota bZ4X | од 50.990 до 62.990 евра |