fbpx

Тест: Volvo XC60 D4 A AWD – По Скандинавски шнит

Новината во гамата на Volvo, моделот XC60, кој собра многу ловорки со својата прва генерација, „скроена“ е според теркот по кој се создадени моделите од „серија 90“, кои имаа мошне успешен настап од своето појавување до сега. Креаторите при претставувањето најголем апостроф ставија на сигурноста и го прогласија за најбезбедниот модел на Volvo досега, но во исто време најсилниот конкурент на премиум тројката Q5, X3 и GLC.

Првата генерација на Volvo XC60 дебитираше во 2008 година и стана првиот компактен SUV на шведскиот бренд. Ова првенче на Скандинавците беше произведувано цели девет години, бидејќи уживаше непречен и голем интерес. Со повеќе од еден милион продажби, моделот стана бестселер во сегментот на премиум патни автомобили во Европа и во моментов изнесува една третина од продажбата на Volvo низ целиот свет. Втората генерација на Volvo XC60 собра големи овации при премиерата на автосалонот во Женева, во март. Доби многу позитивни критики и резимеа за оствареното, па сосема заслужено шведската компанија има огромни очекувања од новиот модел. Скандинавците и овој пат голем апостроф ставија на сигурноста и го прогласија за најбезбедниот модел на Volvo досега, но во исто време ние би додале најсилниот конкурент и вистинска закана за Audi Q5, BMW X3 и Mercedes GLC.

Volvo XC60
1 | Volvo-XC60-2017
2 | Volvo-XC60-2017 28
3 | test-Volvo-XC60-avtoplus_mk-11
4 | test-Volvo-XC60-avtoplus_mk-6

    Навидум новото Volvo XC60 има впечатлива сличност на големиот брат XC90, но ако се погледне во детали, ќе видите дека дизајнерите успеале да создадат автомобил кој навистина му припаѓа на Volvo, но е многу оригинален и истовремено со тоа има свој карактер. Разликата во предниот дел е главно во Т-обликот на дневните светла во форма на чеканот на скандинавскиот бог Тор, кои достигнуваат до корпоративната Inscription предна маска, украсена со логото и многу хром. Освен тоа новото XC60 се разликува од поголемиот брат XC90 со подобро закосен заден дел, каде до израз доаѓаат тесните светла, кои завршуваат во малиот спојлер на покривот. Од пакетот дополнувања во тестниот модел, кога станува збор за екстериерот би ги издвоиле секако 19-инчните фелни, двојните вградени завршни издуви, како и Pine grey metallic бојата.

    Влегувањето во автомобилот е многу удобно, не типично за кросовер. Volvo обмисли многу добра конструкцијата на вратите што ги покриваат праговите така што да не ги свиткувате нозете при влегување и излегување. Многу умен потег, нели? Просторот во внатрешноста е меѓу најголемите во класата и новото Volvo XC60 има шанса да биде лидер на ова поле. Предните седишта вистински фотелји, анатомски, прилагодливи во многу насоки. На задните седишта, треба особено да се напомене, има поголемо место за патниците, отколку кај конкурентите, а и тие се одлично скроени. Ширината на патничкиот простор овозможува да се возат и тројца патници во задниот дел, но далеку е поудобно за двајца. Капацитетот на багажниот простор е 505 литри – сосема доволно како за клиентите со семејства, но и за оние кои би го користеле за деловни цели. Ако ви треба да се превезува нешто поголемо, потпирачите за задните седишта се поместуваат и се отвора простор за товарење со зафатнина од 1.432 литри. Двојниот под крие место за ситници, а задната клупа се преклопува автоматски со притискање на копче. Со преклопени задни седишта се формира рамна површина, што е многу погодно за носење долги товари.

    Volvo XC60 ентериер
    1 | Volvo-XC60-2018-10
    2 | Volvo-XC60-2018-6
    3 | Volvo-XC60-2018-19
    4 | Volvo-XC60-2018-20-1

      Кокпитот на XC60 наликува многу на другите нови модели на Volvo, а главната сличност е вертикално распоредениот 9,5-инчен екран на допир во вид на таблет, во кој се имплементирани сите функции, а дел од нив може да ги користите и на екранот на инструменталната табла пред вас, предвидена е навигација која обезбедува сообраќајни информации во реално време. Со системот Sensus Connect Volvo, ново-стилизираниот кориснички интерфејс секогаш го фокусира вниманието на најважните карактеристики во моментот. Новите бои и симболи гарантираат полесно управување со системот, освен тоа картата за навигација веќе е поголема. Volvo On Call App исто е модернизиран, а тука се составите се Apple CarPlay, како и Android Auto. Дизајнерите избрале за оваа цел многу пријатни на изглед и на допир материјали, декоративни украси од природно оревово дрво Driftwood, перфорирана кожа, а квалитетот на склопови е навистина направен многу прецизно.

      Во тестниот модел на новото Volvo XC60 под хаубата беше модифицираниот четирицилиндерски 2.0 D4 дизел мотор со двоен турбополнач и моќност од 190 коњски сили. Моторот е во комбинација со 8-брзински автоматски менувач кој функционира непречено и прецизно. Со овој агрегат и двојниот погон AWD новиот кросовер се забрзува пргаво од место, оние 8,4 секунди за спринт од 0 до 100 km/h се пријатно изненадување, па и максималната брзина од 205 km/h e фантастична за еден кросовер и тоа дизел. Оние 400 Nm се на располагање во интервалот од 1.750 до 2.500 вртежи во минута. Моторот е тивок, поради извонредната звучна изолација, но при нагло забрзување го издава својот 4-цилиндерски карактер. При динамично темпо на возење, потрошувачката на дизел е над 7,5 l/100 km. Кога сте на отворен пат и ги почитувате строгите ограничувања на брзината, ветената од Volvo просечна потрошувачка од 5,2 l/100 km е лесно за достигнување. Но, ако сакате секако поголем штедливец од гамата, тогаш ваш избор може да биде Plug-in хибридниот Volvo XC60 T8 Twin Engine.

      test-Volvo-XC60-avtoplus_mk-16
      Благодарение на воздушната суспензија XC60 вози толку меко по лошите патишта ги „пегла“ сите набори и нерамнини на патот, а гарантира удобност на секаков коловоз. Во стандардниот модел, клиренсот е 216 mm, а воздушното потпирање ви овозможува да ја прилагодите висината на возилото од подлогата. Предноста на AWD со двојниот погон секако ќе дојде до израз во зима на мокри и лизгави патишта. Рака на срце нема да зажалите и за авантура надвор од асфалтот со вака поставената опција.
      Volvo дополнително ги надгради помошните системи за новиот XC60. Швеѓаните ги комбинираа системите за избегнување на судир со асистент состави на воланот. Наменските импулси во управувањето му кажуваат на возачот дека најверојатно влегол во лентата или не забележал автомобили во мртов агол. Ова значи дека во итен случај, XC60 ќе му помогне на возачот да ги избегне пречките кога автоматското сопирање во случај ако кочењето не е доволно. Оваа нова функција на City Safety е активна во опсег од 50 до 100 km/h. Се разбира, покрај дополнителните нови функции за помалиот XC60, сите асист-системи и безбедносни карактеристики од семејството на моделите 90 се достапни, па затоа ова е најбезбедниот кросовер во моментов. Во тестниот модел како дополнителна опција на ова поле имавме IntelliSafe Pro пакет, кој содржи адаптивен темпомат со функција за полуавтономно возење, веќе споменатите систем за предупредување на растојанието помеѓу возилата и за држење на правецот при возење, како и состав за контрола на мртов агол (BLIS).

      Технички податоци за Volvo XC60 D4 A AWD
      мотор Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно
      работна зафатнина 1.969 cm3
      пречник и од 82.0 x 93.2 mm
      степен на компресија 16,5:1
      напојување две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, Twin Turbo, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер
      максимална моќ 190 KС (140 kW) при 4.250 min-1
      макс. вртежен момент 400 Nm при 1.750-2.500 min-1
      трансмисија на сите четири тркала преку 8-степен автоматски менувач
      потпирање напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, стабилизатор, телескопски амортизери
      сопирачки напред самовентилирачки дискови, назад дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ
      пневматици 225/60 R19
      каросерија SUV со пет врати, пет седишта
      должина х ширина х висина 4.688 x 1.902 x 1.658 mm
      меѓуоскино растојание 2.865 mm
      траги (напред/назад) 1.668/ 1.673 mm
      тежина 1.745 kg
      максимална тежина 2.349 kg
      багажник 505 dm3
      резервоар 60 литри
      максимална брзина 205 km/h
      забрзување 0-100 km/h 8,4 секунди
      потрошувачка (отворен пат/град/просек) 5,0/ 5,8/ 5,2 l/100 km
      емисија на CO2 136 g/km

      Цената на изведбата која ние ја управувавме е со сите дополнувања: камера 360°, навигација, 4 зонски клима уред, панорамски сончев покрив, грејачи на ветробранско стакло, предни и задни паркинг сензори… е 87.675 евра, но во моментов во Ми-Да Гранд Моторс има акција за моделот XC60 Business D4 All-Wheel Drive и цената изнесува 52.990 евра.

      Повеќе информации: Ми-Да Гранд Моторс тел. 02/ 3073 103

      Volvo XC60 во Македонија
      XC 60 T5 A AWD Momentum 67.101 евра
      XC 60 T6 A AWD Inscription 78.179 евра
      XC 60 D4 A AWD Momentum 65.232 евра
      XC 60 D5 A AWD Inscription 77.184 евра
      XC 60 T8 Twin Engine A- R-Design 39.950 евра
      Конкуренција:
      Audi Q5 од 49.989 до 59.671 евра
      BMW X3 од 43.110 до 63.210 евра
      Mercedes GLC од 52.690 до 74.890 евра
      Lexus NX oд 41.860 до 68.990 евра
      Оценки:
      Дизајн           5,0  ●●●●●
      Комфор и опременост           5,0  ●●●●●
      Возни својства           4,5  ●●●●◌
      Економичност и еколошка прифатливост           4,5  ●●●●◌
      Безбедност и примена на технолошки достостигнувања           5,0  ●●●●●
      Адекватност и понуда на домашниот пазар           4,0  ●●●●

       

      Поврзани вести

      Back to top button