fbpx

Toyota Corolla е најпродаваниот автомобил во светот за 2020

Бестселерот на Toyota, моделот Corolla, е убедливо најпопуларниот автомобил за 2020 година во светот со продадени над еден милион примероци

Иако 2020 година беше мошне тешка за производителите и целата автомобилска индустрија, сепак некои успеаја да забележат навистина добри резултати. Според официјалните статистики на focus2move.com, Toyota Corolla е убедливо најпопуларниот и најпосакуваниот нов автомобил на светот за 2020 година.

Бестселерот на Toyota забележал пад од 8,8 проценти во продажбата, но и тоа се покажа како сосема доволно да се освои првото место. Corolla во 2020 година била испорачана во 1.134.632 примероци со што има убедлива предност на врвот. На второто место се најде уште еден модел на Toyota, а станува збор за SUV моделот RAV4 кој е продаден во 971.156 единици на глобално ниво и има раст на продажбата од 1,9 проценти.

Пад на продажбата кај сите модели

На третото место се најде Honda CR-V со 705.651 продаден автомобил, но и пад на продажбата од 13,2 проценти во однос на 2019 година. Четвртото место е за Honda Civic со продадени 697 примероци и пад на продажбата од 16,3 проценти, по што следува Volkswagen Tiguan со 607.121 регистриран модел за 2020 година со 18,8 проценти помала продажба во однос на претходната година.

Шестата позиција е резервирана за уште еден модел на Toyota, а станува збор за седанот Camry кој е продаден во 592.648 примероци, но и има пад на продажбата од 13,2 проценти. На седмото место е Nissan Sylphi со 544.376 продадени возила, додека најпопуларниот модел во Европа, Volkswagen Golf, е на осмото место на глобално ниво. Golf во текот на 2020 година е продаден во 492.262 примероци и има сериозен пад во продажбата во однос на 2019 година од дури 28,6 проценти. На деветтата позиција се најде Volkswagen Lavida кој е наменет за кинескиот пазар, а во 2020 година е продаден во 463.804 примероци, односно 13 проценти пад на продажбата во однос на 2019, а Топ 10 листата ја заокружува Hyundai Tucson со 462.110 продадени примероци и пад на продажбата од 14,6 проценти.

Поврзани вести

Back to top button