Toyota ги претстави финалните две верзии на GR Supra за Европа
Toyota GR Supra A90 Final Edition со 435 КС и карбонски детали е последната специјална верзија пред крајот на моделот

Toyota ја подготвува сцената за крајот на актуелната генерација на GR Supra, и тоа со стил. Ограничена на само 300 примероци за Европа и Јапонија, специјалната A90 Final Edition добива засилен мотор, надградена суспензија, подобрени сопирачки и изобилство од карбонски елементи – сè што е потребно за достојно збогување со легендата.
Повеќе моќност, повеќе драма
Во срцето на A90 Final Edition се наоѓа надградена верзија на 3.0-литарскиот реден шестцилиндричен турбо мотор (потекло од BMW), кој сега испорачува 435 КС и 570 Nm вртежен момент – што претставува зголемување од 94 КС во однос на стандардниот модел. Доработките вклучуваат ревидиран довод на воздух, нов катализатор со ниска отпорност и фино подесени моторни мапи. За оптимална перформанса на тркачка патека, тука се и засилено ладење, плоча за масло и активен диференцијал. Сето ова е заокружено со титаниумски Akrapovic издувен систем кој нуди уникатен звук.
Тркачка суспензија и аеродинамика
GR Supra A90 Final Edition ја добива KW суспензијата со прилагодлива амортизација, инспирирана од тркачкиот GR Supra GT4. Преку засилени стабилизатори, зголемен агол на камбер и Michelin Pilot Sport Cup 2 гуми на лесни 19 и 20-инчни тркала, Toyota овозможува исклучителна прецизност во возењето. За запирање се грижат Brembo сопирачки со вентилирани и бушени дискови.
Визуелно, автомобилот вклучува агресивни карбонски детали – сван-спојлер, вентилирана хауба, преден сплитер со канарди и уникатни издувни цевки. Внатрешноста нуди Recaro Podium CF седишта со Alcantara облога, црвени акценти на возачката страна и доминација на карбонски и спортски детали низ целата кабина.
GR Supra Lightweight Evo – последна надградена верзија
Покрај лимитираната Final Edition, Toyota ја претстави и GR Supra Lightweight Evo – достапна глобално како последна верзија пред пензионирањето на моделот. Со карбонски ducktail спојлер, нови отвори на калниците и мат црни тркала со Michelin Super Sport гуми, оваа верзија нуди подобрена аеродинамика и прецизност. Внатрешноста доаѓа со Alcantara седишта и црвени детали, додека шасијата е дополнително зајакната со нови стабилизатори, носачи и подобрена електронска амортизација.
Моторот останува 3.0-литарскиот шестцилиндричен турбо со 387 КС и 500 Nm, со избор меѓу мануелен или автоматски менувач.
Последни единици, но не и последен збор
Иако оваа генерација на GR Supra завршува со производство, Toyota веќе ги прима нарачките во Европа и Јапонија. Финалната A90 верзија е распродадена преку лотарија, но редовната понуда и Lightweight Evo ќе бидат достапни до крајот на производниот циклус.
Официјален датум за крај на производството не е објавен, но Toyota потврдува дека GR Supra ќе продолжи да биде активна на тркачките патеки и дека нова генерација веќе е во подготовка.