Toyota го најави наследникот на Aygo, ќе користи платформа на Yaris
Веќе извесен период се најавуваше наследникот на Toyota Aygo во Европа, а сега сето тоа е и официјално, откако јапонскиот производител ги соопшти првите детали
Toyota официјално го потврди новиот автомобил од А сегментот во Европа и ќе претставува влезен модел во гамата на јапонскиот производител на Стариот континент. Наследникот на Aygo ќе биде поставен на GA-B платформата, односно истата која ја користи и Yaris, со што ќе добие „докажани бенефити во возењето, управувањето, безбедноста и дизајнот“.
Она што е најинтересно е што Toyota воопшто и не го спомена името Aygo ниту еднаш, а во своето прес соопштение истакнаа дека новиот автомобил од A сегментот ќе се нуди со мотор на внатрешно согорување, со цел да остане пристапен до купувачите. Претходните најави навестуваа дека и хибридна верзија ќе се приклучи во поставата, но од Toyota се уште не открија ништо околу тоа, додека за целосно електрична верзија воопшто не се размислува.
Новиот модел ќе му се приклучи на Yaris во понудата на мали автомобили, а Toyota очекува производството на ваквите возила да изнесува повеќе од 500.000 единици годишно за Европа, вклучително со Yaris Cross.
Со оглед на тоа дека Toyota ниту еднаш не го спомена името Aygo, возможно е да станува збор за целосно нов автомобил, односно наследник на досегашниот најмал модел во понудата, но под друго име. Во секој случај, деталите би требало да ги дознаеме до крајот на 2021 или на почетокот од следната, кога се очекува премиерата на автомобилот.
Производството ќе се одвива во истата фабрика каде што актуелниот Aygo се произведува, во Чешка Република.