fbpx

Toyota го претстави новиот Aygo X

Целосно новиот Toyota Aygo X ја забележа својата премиера, а станува збор за нов адут на јапонската компанија во А-сегментот

Првично најавен со Aygo X Prologue концептот, целосно новиот Toyota Aygo X ја доживеа својата премиера како авантуристички градски автомобил. Продукциската верзија го задржува најголемиот дел од впечатливиот дизајн со кој се одликуваше концептот и ќе пристигне во Европа во 2022 година со само една моторна опција.

Toyota го лансираше Aygo во 2005 година како дел од соработката со PSA групацијата. Моделот доби своја втора генерација, заедно со Citroen C1 и Peugeot 107, во 2014 година со значително променет дизајн. Сега, со оглед на тоа дека Peugeot и Citroen нема да лансираат нови генерации на C1 и 107, Toyota се одлучи за еден порадикален пристап за новата генерација на Aygo.

Toyota Aygo X

Како еден од малкуте преостанати производители кои се уште инвестираат во А-сегментот, Toyota реши да им понуд на европските купувачи „компактен урбан кросовер“. Концептот е дизајниран во Франција, а продукциската верзија е развиена во Европа. Дизајнерите на Toyota завршија одлична работа трансферирајќи го дизајнот од концептот на продукцискиот модел и конечниот резултат на Aygo X е навистина одличен.

Инстантно впечатлив изглед

Големите тркала од 17 или 18 инчи оставаат позитивен импакт на пропорциите на автомобилот, а притоа го зголемуваат клиренсот за 11 милиметри. Кросоверскиот изглед е нагласен благодарение на пластичните заштити околу сводовите над тркалата, што се совпаѓа со двобојниот третман на извајаното тело. Full LED фаровите и задните светла имаат модерни графики, додека формата на страничните прозорци додава и спортски микс во конечната изведба.

Aygo X добива некои одважни бои како Cardamon, Chilli, Ginger и Juniper, сите комбинирани со црна боја на Б-столбовите, покривот и задниот дел. Отстранливиот платнен покрив исто така е достапен за „кабрио“ чувство.

Toyota Aygo X

За разлика од своите претходници, целосно новиот Aygo X е базиран на сопствената GA-B платформа на Toyota на која исто така се поставени и Yaris и Yaris Cross, со намалени надвиснувања. Секако, станува збор за најкомпактниот модел во опсегот на Toyota со должина од 3.700, ширина од 1.740, висина од 1.525 и меѓуоскино растојание од 2.430 милиметри.

Новата платформа донесе поголем отпечаток, со дури 235 милиметри поголема должина во однос на претходникот, а тоа резултира со поголем простор за задните патници и поголем багажник, чиј капацитет сега изнесува 231 литар (168 литри кај претходната генерација).

Модерен стајлинг во кабината

Во внатрешноста, стајлингот е очигледно насочен кон помладата популарција со закривени линии и бои кои се совпаѓаат со екстериерот. Фокусот е на 9-инчниот екран на допир кој го интегрира Toyota Smart Connect инфозабавниот систем со Android Auto и Apple CarPlay конективност, бежични унапредувања и клауд навигација. Меѓу останатите карактеристики треба да се истакне трикракиот управувач со интегрирани копчиња, мал екран на инструменталниот кластер, амбиентално осветлување, бежично полнење и JBL аудио систем со четири звучници, 300W засилувач и 200 мм сабвуфер во багажникот.

Возачкото седиште е 55 милиметри повисоко во однос на претходниот модел со унапредена прегледност напред благодарение на зголемените агли на А-столбовите. Инженерите на Toytoa исто така ја унапредија и звучната изолација и велат дека е меѓу најдобрите во А-сегментот.

Кога станува збор за безбедноста, сите варијанти на Aygo X пристигнуваат стандардно со Toyota Safety Sense пакетот, а тука се и Pre-Collision системот со детекција на возила, ноќна и дневна детекција на пешаци, дневна детекција на велосипедисти, интелигентен адаптивен темпомат, асистенција за следење на коловозната лента и асистенција за управување во итни случаи.

Само еден мотор во понудата

Силно електрифицираниот опсег на возила на Toyota и овозможува да понуди нехибридни градски автомобили што е поевтино за развивање и подостапно. Така, Aygo X се нуди со една опција за погонот и тоа природно аспириран 1,0-литарски трицилиндричен бензински мотор со 12 вентили кој испорачува 72 КС и 93 Nm максимален вртежен момент. Моторот е поврзан со петстепен мануелен менувач или S-CVT автоматик кој ја испраќа моќноста на предната оска.

Градските автомобили не се наменети за перформанси, па таков е случајот и со Aygo X. Моделот со мануелен менувач забрзува од нула до „стотка“ за 15,6 секунди и има максимална брзина од 158 километри на час. Toyota вели дека комбинираната потрошувачка според WLTP циклусот изнесува 4,7 литри на 100 километри со мануелниот, односно 4,9 литри на 100 километри со CVT менувачот.

Поврзани вести

Back to top button