Toyota го претстави новиот GR GT
Toyota GR GT е нов суперавтомобил со твин-турбо V8 хибриден мотор, 641 КС, агресивен дизајн и максимална брзина од над 320 км/ч

По години на шпекулации, тизери и развоен процес далеку од очите на јавноста, Toyota конечно го претстави GR GT, нов врвен спортски модел со мотор напред, создаден да се спротивстави на Mercedes-AMG GT и истовремено да послужи како основа за тркачкиот GR GT3. Со ова, јапонскиот производител јасно покажува дека серијата GR не е само маркетинг, туку сериозен настап во светот на суперавтомобилите.
GR GT е најмоќниот и најамбициозниот сериски автомобил што некогаш носел Toyota амблем. Во исто време, тој логично се надоврзува на легендарните модели како Toyota 2000GT и Lexus LFA, носејќи ја нивната ДНК во модерна, хибридна форма.

Алуминиумска шасија и тркачки пропорции
Основата на Toyota GR GT е специјално развиена алуминиумска шасија, комбинирана со каросериски елементи од карбонски композити. Според Toyota, тежината на автомобилот ќе изнесува 1.750 килограми или помалку, со идеална распределба на масата од 45:55 во корист на задната оска.
Димензиите откриваат дека станува збор за сериозен спортски автомобил: должина од 4.820 mm, ширина од 2.000 mm и висина од само 1.195 mm, со меѓуоскино растојание од 2.725 mm. Сè е подредено на стабилноста при високи брзини и максималната аеродинамичка ефикасност.

Нов твин-турбо V8 со хибридна поддршка
Под долгата хауба се наоѓа целосно нов 4,0-литарски V8 мотор со два турбополначи, опремен со dry-sump подмачкување. Моторот е поврзан со осумстепен автоматски менувач поставен назад како трансаксел, а силата се пренесува исклучиво на задните тркала.
Toyota потврдува дека GR GT ќе располага со најмалку 641 коњска сила и 850 Nm вртежен момент, при што бензинскиот мотор е потпомогнат од електромотор. Точните бројки сè уште не се конечни, но јасно е дека станува збор за погонска конфигурација создадена за експлозивни перформанси и моментален одзив.

Агресивен дизајн инспириран од тркачките патеки
Визуелно, Toyota GR GT изгледа како автомобил излезен директно од тркачка гаража. Долгата хауба, ниската силуета и екстремно агресивните светла му даваат изглед што многумина го споредија со Batmobile. Големите отвори за воздух, нагласените аеродинамички елементи и широкиот став дополнително ја истакнуваат неговата намена.
Моделот стои на 20-инчни тркала, со гуми 265/35 напред и масивни 325/30 назад. Сопирањето е доверено на карбон-керамички сопирачки на двете оски, додека суспензијата е со двојни триаголни носачи, типична за тркачки автомобили. Максималната брзина, според Toyota, ќе изнесува најмалку 320 km/h.

Кабина ориентирана кон возачот
Внатрешноста на GR GT нема ништо заедничко со класичните Toyota модели. Доминира црвена кожа и Alcantara, со целосно дигитална инструмент табла со уникатна GR графика, нов спортски волан со GR ознака и голем централен инфозабавен екран. Кабината можеби не нуди луксуз како Lexus LC500, но е јасно фокусирана на возачот и динамичното возење.

Кога пристигнува GR GT?
Toyota потврдува дека и GR GT и тркачкиот GR GT3 сè уште се во развој, што значи дека одредени детали може да се променат пред сериското производство. Цената засега останува непозната, но првите испораки се очекуваат во 2027 година.
Со GR GT, Toyota јасно стапува на територијата на европските и светски суперавтомобили и тоа со модел кој изгледа екстремно, звучи моќно и нуди перформанси достојни за највисоката класа.
































