fbpx

GR Corolla e најновиот перформансен хот-хеч на Toyota

Toyota Corolla изгради репутација на сигурност и вредност, поради што е и еден од најпопуларните модели во историјата

Бестселерот на Toyota, моделот Corolla, со текот на годините прерасна во миленик на купувачите. Сепак, многумина замеруваа на недостатокот на забава која овој автомобил ја нуди. Затоа, Gazoo Racing одделот на јапонскиот производител реши да ја исправи оваа „грешка“. Перформансното одделение конечно доби дозвола да си „поигра“ со компактниот хечбек и му даде агресивно, рели преуредување. Конечниот резултат е Toyota GR Corolla.

Toyota GR Corolla

Стандардниот Corolla хечбек во Европа е достапен со три мотори, a најмоќниот во понудата е хибридниот погон со 2,0-литарски четирицилиндерски мотор со 180 КС и 190 Nm, но едноставно не е доволно „забавен“. За да го реши овој проблем, инженерите инсталираа турбо 1,6-литарски трицилиндерски агрегат со кодно име G16E-GTS кој испорачува импресивни 304 КС и 370 Nm максимален вртежен момент.

Моќни перформанси

Благодарение на ова, GR Corolla е речиси двојно помоќен во однос на стандардниот модел, а со овие бројки зад себе ги остава најголемиот дел од конкурентите. Моторот е споен ексклузивно со шестстепен мануелец и GR-Four погон на сите четири тркала. Исто како и кај GR Yaris, системот може да се прилагодува и нуди поделба на моќноста на предните и задните тркала во сооднос 60:40, 50:50 и 30:70. Ова значи дека автомобилот може да биде со пристрасен погон на предните или задните тркала, или пак неутрален, со притискање на едно копче.

Toyota GR Corolla

Перформансните карактеристики не застануваат тука, бидејќи GR Corolla има алуминиумска хауба и алуминиумски панели на предните врати. Со ова се минимизира дополнителната тежина, со оглед на тоа дека моделот тежи 1.474 килограми, што е 85,7 килограми повеќе од стандардната Corolla.

Покрај штедењата во тежината, GR Corolla е поставена на засилена верзија на TNGA-C платформата. Системот на потпирање исто така е променет, па GR Corolla добива Макферсонов систем со спирални пружини и стабилизаторски шипки за да се обезбеди оптимална способност во свиоците на сите површини. На задниот дел, има мултилинк со двојни рамена што ја исполнува целта на AWD системот за максимална агилност и стабилност. Освен ова, моделот може да биде опремен со предни и задни диференцијали со ограничено пролизгување.

Не треба да се запостават ниту 18-инчните сјајно црни тркала кои се обложени со Michelin Pilot Sport 4 пневматици. Зад нив се наоѓа засилениот сопирачки систем кој се одликува со алуминиумски шапи со четири клипови и 14-инчни вентилирачки дискови, односно алуминиумски шапи со два клипа и 11,-инчни вентилирачки дискови позади.

Агресивен изглед

Очекувано, Toyota GR Corolla има агресивен дизајн кој јасно ја нагласува перформансната природа на моделот. Тука се масивните отвори за воздух и широкиот „боди кит“ со нагласени предни крила, но и веритаклните воздушни завеси, сјајно црните акценти и функционалните отвори за воздух на крилата. Дизајнерите исто така инсталираа и нагласени странични прагови со GR-Four беџови.

Спортската тематика продолжува и на задниот дел каде се истакнува уникатниот издувен систем со три завршетоци од нерѓосувачки челик. Од Toyota велат дека овој дизајн го намалува „притисокот врз издувниот систем и надворешната бучава, кои се клучни за перформансите“. Меѓу останатите одлики тука се задниот спојлер и релативно скромниот дифузер кој е интегриран во црниот заден браник.

Во кабината, возачите ќе најдат 12,3-инчен дигитален инструмент кластер кој се одликува со тахометар, како и екрани за притисокот на турбото, моменталниот степен на пренос и селектираниот возачки режим од погонот на сите четири тркала. Покрај него се наоѓа новиот 8-инчен Toyota Audio Multimedia систем, кој нуди навигација базирана на клауд систем, како и Intelligent Assistant кој реагира на гласовна команда со „Hey Toyota“.

Toyota GR Corolla

Покрај ова, GR Corolla е опремена со спортски седишта обложени со ткаенина и сиви контрастни конци како и GR ознаки на потпирачите за глава. Возачите исто така пред себе ќе најдат спортски управувач обложен со кожа, алуминиумски педали и аудио систем со шест звучници.

Circuit Edition

Поради лансирањето на GR Corolla, Toyota ќе понуди и Circuit Edition верзија која се одликува со извајана хауба со функционални отвори за воздух. Овој модел исто така ќе се карактеризира преку карбонскиот покрив кој ја намалува тежината и помага да се намали тежиштето на моделот, а не треба да се заборави масивното задно крило и црвените сопирачки.

Toyota GR Corolla

Во ентериерот, оваа верзија доаѓа со поскромни промени, но Circuit Edition поседува спортски седишта со Brin Naub велур и синтетичка кожа со црвени акценти. Купувачите исто така ќе најдат и рачка од менувачот со потпис на Morizo, кој е тркачкиот алијас на претседателот на Toyota, Акио Тојода.

Circuit Edition исто така е подобро опремен бидејќи купувачите ќе имаат греење на предните седишта, управувачот и JBL премиум аудио систем со осум звучници. Со нив пристигнува и автоматскиот клима-уред и бежичниот полнач за паметни телефони.

Toyota GR Corolla

И покрај спортската и агресивна природа, Toyota посвети сериозно внимание на безбедноста кај GR Corolla. Како резултат на ова, моделот пристигнува опремен со Toyota Safety Sense 3.0 акетот на системи за асистенција на возачот.

Хот хечот ќе се произведува во GR фабриката во Мотомачи, Јапонија. Оваа фабрика е позната по легендарните модели како Lexus LFA и Supra A80. Самиот погон инкорпорира голем број на мануелни техники за склопување и е повеќе фокусиран кон квалитетот отколку бројот на произведени модели.

Toyota GR Corolla

За жал, засега се уште нема потврда дека GR Corolla ќе пристигне во Европа, но од Toyota не ја ни демантираа оваа можност, така да ни останува да се надеваме дека овој модел ќе успееме да го видиме и на Стариот континент.

Поврзани вести

Back to top button