fbpx

Toyota ја претстави втората генерација на Mirai во Европа

Toyota и официјално ја претстави втората генерација на Mirai во Европа која пристигнува со неколку новини и автономија од 650 километри

Јапонскиот производител Toyota е една од ретките компании кои се обидуваат да ги направат електричните возила со водородни ќелии (FCEV) како подеднакво добра опција за алтернативен погон. По првата генерација која беше продадена во ограничена серија од 11.000 примероци, сега Toyota ја претстави и унапредената втора генерација која е поевтина, поатрактивна и поефикасна.

Новата Mirai наликува на Lexus LS, пред се поради тоа што е поставена на истата платформа. Но, Toyota се осврна и на забелешките дека првата генерација на Mirai не беше доволно возбудлива или луксузна и сега автомобилот е поатрактивен за потенцијалните купувачи.

Toyota Mirai

Заменик главниот инженер на Mirai, Риотаро Шимизу вели дека компанијата била во потрага по поемоционален дизајн за новиот модел. Веќе ги нема чудните вертикални отвори за воздух на предниот дел, но сега тука е масивната предна решетка. Автомобилот сега е нешто понизок и поширок, но и подолг во однос на својот претходник. Најголемиот дел од овој простор е искористен за поголем простор и удобност и за да се направи простор за петти патник. Зависно од спецификацијата, моделот е поставен на 19 или 20-инчни тркала, со што се добива поагресивен и поспортски изглед во однос на 17-инчните тркала на претходникот.

Toyota Mirai

Унапредувања во внатрешниот дизајн

Во внатрешноста, најголемата промена освен поатрактивниот „Lexus“ ентериер, е тоа што примарниот екран веќе не е поставен во централната конзола. Проблемот кај претходната генерација е што погледот мораше да се насочи далеку од патот пред возачот за да го погледне GPS екранот. Сега, екранот е поставен веднаш до инструменталниот кластер и е насочен кон возачот, што го прави полесен за користење. Тука е и аудио-системот со 14 JBL звучници, како и Android Auto, Apple CarPlay и Amazon Alexa компатибилност.

Сега меѓу возачот и совозачот се наоѓа еден вид „ѕид“ кој ги разделува двете седишта. Истиот е исполнет со држачи за чаши и бежичен полнач за телефон, но примарно е направен за да се направи простор за поголемиот, централно поставен резервоар. Токму благодарение на додавањето на трет резервоар, автономијата на движење на новата Toyota Mirai се зголемува на 653 километри, или 30 проценти повеќе во однос на претходникот.

Toyota Mirai

Нов погонски склоп

Целиот погон на Mirai е темелно редизајниран, благодарение на GA-L платформата. Сега е додадена и нова литиум-јонска батерија која ја заменува онаа старата никел-метална хибридна батерија. Иако новата литиум-јонска батерија е помала, сепак е поенергетска, со што се добива поголема моќност. Со оглед на тоа дека единствените емисии на Toyota Mirai се всушност водени, целиот погонски склоп го прочистува воздухот благодарение и на напредните филтри кои се инсталирани.

За напојувањето е задолжен електромоторот кој е поставен на задните тркала и испорачува 182 КС и 300 Nm вртежен момент. Според спецфикациите, спринтот до „стотка“ се достигнува за 9,2 секунди, а максималната брзина е 175 километри на час.

Не треба да се заборават ниту безбедносните и системите за асистенција на возачот. Па така, тука се Toyota Safety Sense 2.5+ засилените и унапредени карактеристики, кои вклучуваат предупредување за напуштање на коловозната лента, автоматски високи зраци и асистенција за сообраќајни знаци. Унапредениот систем сега вклучува и Full-Speed Dynamic Radar Cruise Controll (DRCC).

Toyota Mirai

Цената на новата Toyota Mirai се очекува да биде 20 проценти помала во однос на претходната генерација. Сепак проблем и понатаму претставува фактот што водородот како погонско гориво се уште е достапно на многу малку места на Стариот континент.

Поврзани вести

Back to top button