Toyota Land Cruiser 300 доби технолошки дотерувања
Најголемиот член во поставата на Land Cruiser, верзијата 300, добива неколку технолошки подобрувања на матичниот пазар

Toyota повторно ја следи својата стратегија на еволуција наместо револуција со најновото освежување на моделот Land Cruiser 300 за 2026 година. Иако визуелните промени се минимални, моделот добива значителни технолошки унапредувања. Новата верзија е претставена на јапонскиот пазар.
Внатрешни дигитални подобрувања и фокус на безбедноста
Најголемите новини се однесуваат на кабината. Средните и повисоките нивоа на опременост добиваат нов 12,3-инчен TFT дигитален инструмент кластер со прилагодливи графики, додека основните модели имаат 7-инчен екран. Стандардно се вградува 8-инчен инфозабавен систем, со опција за надградба на 12,3 инчи.
Со оглед на тоа што Land Cruiser 300 е едно од најчесто украдените возила во Јапонија, Toyota воведе нови функции за спречување кражба. Системот “My Car Start Lock” овозможува сопствениците да го заклучат моторот од далечина преку својот паметен телефон. Сите изведби добиваат копче за стартување со автентикација по отпечаток, сензор за наклон, аларм и имобилајзер.
Усогласување со нови регулативи и поголема безбедност
Со цел да се усогласи со најновите регулативи во Јапонија, Land Cruiser 300 добива подобрен систем за автоматско сопирање пред судир, кој сега вклучува и детекција на велосипедисти. Дополнително, моделот сега има “event data recorder” и унапредена сајбер-безбедност.
Под хаубата нема промени. Моделот и натаму се нуди со 3,5-литарски бензински V6 твин-турбо мотор и 3,3-литарски дизел V6, двата во комбинација со 10-брзински автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Toyota напоменува дека дизел моторот сега ги задоволува најновите еколошки стандарди во земјата.
Зголемени цени и замрзнати нарачки
Цените на освежениот Land Cruiser 300 започнуваат од ¥5.252.500 (околу 35.000 евра) за бензинскиот GX модел, а достигнуваат до ¥8.136.800 (околу 54.000 евра) за дизел верзијата GR Sport. Цените се зголемени од ¥130.900 до ¥152.500 (875 до 1.020 евра), зависно од нивото на опременост.
Сепак, високата побарувачка и понатаму ги надминува можностите за производство. Toyota го паузираше примањето нови нарачки во Јапонија додека не се испорачаат постоечките. Компанијата објави извинување на својата веб-страница, нагласувајќи дека ќе се фокусира на максимално зголемување на производството за да ги задоволи постојните клиенти кои со месеци чекаат испорака.
Со ова ажурирање, Toyota уште еднаш ја покажува својата посветеност на квалитет и технолошки напредок, додека го зачувува автентичниот карактер на својот најпрепознатлив SUV.