fbpx

CES 2020: Toyota го најави планот за изградба на „Град на иднината“

Јапонскиот автомобилски гигант на Consumer Electronics Show во Лас Вегас го претстави својот амбициозен план за футуристички град кој почнува со изградба следната година

Компанијата Toyota планира да изгради прототип на „Град на иднината“ во подножјето на јапонската планина Фуџи, кој ќе се напојува со водородни ќелии и ќе функционира како лабораторија за роботизирање на автомобилите, паметните куќи, вештачката интелигенција и други технологии, соопштија од компанијата.

Toyota го откри својот план на големиот саем за технолошка индустрија CES во Лас Вегас. Проектот ќе биде сместен на местото на затворена фабрика и ќе се нарекува „Ткаен град“, односно „Woven City“ во спомен на почетоците на Toyota како производител на машини за ткаење. Градот ќе биде дом на постојани жители и истражувачи, а јапонскиот гигант се уште не открил колку ќе чини овој футуристички проект.

Раководствата и на некои од другите најголеми производители на автомобили размислуваат како градовите на иднината би можеле да бидат дизајнирани за да се намали емисијата на штетни гасови кои влијаат на климата, да ги намалат метежите и да го воведат интернетот во секојневниот живот. Меѓутоа, планот на Toyota да изгради заедница на 71 хектар во близина на планината Фуџи е голем чекор напред во однос на она што конкурентите го предлагаа.

Компанијата очекува во градот на почетокот да живеат 2.000 луѓе. Почетокот на изградбата на „Градот на иднината“ е планиран за идната година, а ќе го дизајнира данскиот архитект Бјарке Ингелс, кој ги проектираше и Кулите близначки во Њујорк и просториите на Google во Силиконската долина и во Лондон.

Toyota наведе и дека се отворени за партнерство со другите компании кои сакаат да го искористат овој проект како основа за тестирање на технологиите.

Поврзани вести

Back to top button