Toyota вгради соларни панели во Prius PHV
Производителите се обидуваат да го зголемат опсегот на возење на plug-in хибридните и електричните возила, а соларните панели станаа најактуелни решенија
Toyota е еден од производителите кои се посветени кон решавање на ова прашање, па така тие објавија план за почеток на тестирањата по јавните улици. Овие испитувања се однесуваат на моделот Prius PHV, познат во САД како Prius Prime, опемен со високо ефикасни соларни батерии.
Испитувањата ќе се спроведат на територијата на Јапонија и ќе бидат поддржани од корпорацијата Sharp и Организацијата за енергија и индустриска технологија во земјата (NEDO). Како дел од програмата, Sharp ќе снабдува соларни батериски панели, користејќи високо ефикасни ќелии.
Според производителот, целта е да се процени ефективноста на подобрувањата во возниот опсег и горивната ефикасност на електрифицирани возила опремени со високо ефикасни соларни батерии. Со цел да добие демо автомобил за потребите на тестирањето, Toyota ги постави соларните панели на покривот, хаубата и на багажната врата на Prius PHV.
Во споредба со Prius PHV, кој е веќе достапен со соларен систем за полнење на покривот, демо автомобилот е супериорен во секој поглед. На 860 W, номиналната моќност е 4,8 пати поголема и ефикасноста на конверзија на соларни ќелии надминува 34 проценти, наспроти досегашните 22,5 проценти. Што е најважно, демо возилото користи систем кој ја полни батеријата додека возилото е паркирано и кога е во движење.
Овој развој се очекува да доведе до значителни подобрувања во возниот опсег и ефикасност на горивото кај возилата со електричен погон. Додека возилото е паркирано, Toyota тврди дека максималното дневно полнење на батеријата е еквивалентно со возен опсег од 44,5 km, во споредба со производствениот автомобилот кај кој ова изнесува 6,1 km.
Toyota ќе ги спроведе испитувањата под различни возни услови во Toyota City, Токио. Целта е да се искористат добиените податоци за развој на вграден соларен систем за полнење.