Трициклот Carver One се враќа како електромобил
Холандската компанија Carver во 2007 година го претстави двоседот со три тркала на салонот во Женева
Всушност, машината е повеќе како мотоцикл, но има управувач како автомобил. Дизајнот му дозволува на трициклот да ги минува свиоците како мотоцикл, што го чини побрз и постабилен од автомобил. Најголема пречка за да биде лансиран на пазарот се покажа цената – над 35.000 долари, што директно влијаеше на клиентите и Carver беше принудена да банкротира во 2009 година.
Денес компанијата се „враќа меѓу живите“, овој пат фокусирајќи се на чисто електричен погон.
Антон Роси, CEO на повратникот Carver, најави дека ангажираните нови инжинери го подобрија системот за навалување на машината и дека новата изведба се тестира од крајот на минатата година. Системот за стабилност со навалување е познат како Dynamic Vehicle Control (DVC) и овозможува машината да стои речиси исправена и при ниски брзини во свиоците или да се наклонува до 45 степени, кога се вози брзо.
Новиот модел ќе се вика само Carver, а првите единици ќе стигнат до купувачите во септември оваа година. Стартната цена е веќе далеку поприфатлива – под 10.000 евра за првата лимитирана серија, а подоцна ќе биде предложен далеку поевтин и масовен модел. Погонот е доверен на два електрични мотори, од кои секој независно задвижува едно од задните тркала.
Нивната вкупна моќност ќе изнесува околу 5 КС, што ќе овозможи да се развива брзина од 50 km/h. Батеријата има капацитет од 5,3 kWh, што значи автономија од 80 до 100 километри. Првиот модел Carver One имаше четири цилиндерски турбо мотор со моќност од 100 КС.