Twingo Cup се враќа со трка на Хунгароринг
По паузата од една година предизвикана од глобалната пандемија на коронавирусот, Twingo Cup повторно се враќа на тркачките патеки
Новата сезона во Twingo Cup стартува овој викенд на патеката Хунгароринг во Унгарија. По пауза од една година поради здравствената криза, „твинговците“ ќе се вратат на патеките, овојпат на едно повисоко натпреварувачко ниво, односно како дел од FIA CEZ (FIA Central European Zone).
Новото издание на Twingo Cup ќе стартува викендов со две трки на 17 април (сабота) и ќе претставува меѓународен предизвик за македонските автомобилисти кои ќе настапат на Twingo Eurocup. Меѓу натпреварувачите ќе се најдат Ненад Костовски, Иван Стефановски, Давид Малинковски, Мартин Костовски, Слободан Трајковски, Емил Нацка, Ангелче Стојковски, Владимир Тренески и Милан Ѓорѓевиќ, а силите ќе ги одмерат со уште 19 други возачи од Словенија, Србија и Унгарија.
Во оваа втора сезона, покрај двете кружни трки во Кичево и двете ридски трки на домашен терен, Купот ќе биде дел и од меѓународни натпревари каде возачите ќе бидат бодувани согласно регулативите на FIA CEZ. Меѓународните настапи ќе се одвиваат на патеките во Серес – Грција (Јуни), Гробник – Хрватска (Јули), Словакиаринг – Словачка (Август), Red bull Ring – Австрија (Септември) и финална трка за заокружување на сезоната повторно во Серес – Грција (Ноември) CEZ во организација на АКК Рено Спорт Скопје.
Поддржувачи на Twingo Cup се Аутомотив Груп, Renault, Триглав Осигурување, PSS и Шпаркасе Лизинг. Согласно ситуацијата, за време на тренинзите и трката ќе се почитуваат сите протоколи за заштита од Ковид-19.