Викенд тарифа: BMW Titan е радикален мото-концепт со NOS, карбон и доза лудило
BMW Motorrad го претстави Titan - концепт базиран на R 1300 R, со NOS систем, Akrapovič издув и дизајн инспириран од tuning културата

BMW Motorrad ја претстави новата визија за тоа како би можела да изгледа иднината на naked мотоциклите – и тоа преку екстремниот концепт наречен Titan, изграден врз основа на новиот BMW R 1300 R. Овој концепт го носи класичниот боксер мотор до крајни граници, со низа доработки кои го прават повеќе шоу-машина отколку сериско возило.
Моќност со доза нитро
Срцето на Titan е веќе добро познатиот 1.300 кубен боксер мотор, кој во стандардната верзија развива 143 коњски сили. Но, во оваа специјална конфигурација, BMW додал NOS (нитро оксид) систем – поставен веднаш под седиштето – за дополнителен притисок и адреналин. Се разбира, за да може целата таа сила да се пренесе без губење контрола, задната вилушка е драстично продолжена во drag стил.
Дизајн инспириран од street racing културата
Додека повеќето naked мотоцикли се фокусираат на функционалност и контрола, Titan оди во сосема поинаков правец – инспириран од светот на кастом и tuning сцени. Визуелно, мотоциклот изгледа како да е во постојано кочење – поставен ниско на предната оска, со агресивна предница и доминантна позиција. Карбонски панели го покриваат резервоарот, оставајќи простор за големиот воздушен филтер, а титаниумскиот Akrapovič издув испишува сопствена визуелна приказна, излегувајќи од двата цилиндри и завршувајќи високо над задното тркало.
Без место за практичност
Како што и се очекува од еден концепт, Titan се ослободува од сите непотребни и „досадни“ детали: нема калници, нема совозачко седиште, ниту обични светлосни елементи. Наместо тоа, сè е насочено кон максимален ефект, агресија и уникатност.
Ќе стигне ли до сериско производство?
Иако во ваква форма Titan е далеку од сериска верзија, BMW Motorrad има историја на трансформација на вакви радикални концепти во возила за на пат – со одредени компромиси. Не е исклучено некои од технологиите или дизајнерските елементи од Titan да се појават во идните модели.
Додека тоа се случи, можеме само да посакаме и автомобилската дивизија на BMW – особено M одделението – да покаже ваква креативност и слобода во создавање на нешто подеднакво лудо како што е мотоциклот Titan.