Викенд тарифа: Dodge Challenger Hellcat vs. Corvette Z06
Возбудлива драг трка на 0,8 километри меѓу два автомобили кои претставуваат гордост на американсата авто индрустрија
Тие претставуваат едни од најатрактивните перформансни автомобили на американскиот пазар, а мерењето на нивните сили од страна на страсните ентузијасти е неизбежно. Се работи за легендарниот Dodge Challenger SRT Hellcat и супер брзиот Chevrolet Corvette Z06.
Прво малку околу перформансите на овие супер модели. И двата се напојувани од 6,2 литарски V8 мотор со супер-полнење, кој кај SRT Hellcat овозможува моќност од 707 КС, додека Corvette Z06 добива 650 КС. Менувачот кај Dodge е во седум-степена рачна изведба, додека Chevrolet е опремен со осум-степената автоматска верзија. Во овој поглед, Dodge би имал предност на патеката, но тежинскиот фактор ја побива оваа претпоставка. Така, со дури 453 килограми помалку, шансите на Corvette Z06 значително се зголемуваат.
Во обид да ги измерат силите на овие две американски икони, дечките од Track Day TV ги предизвикуваат на драг-дуел, на патека со должина од 0,8 километри. Во првата трка, Corvette Z06 стартуваше малку подоцна од SRT Hellcat, но сепак во стартните момети оствари кратко водство. Ова набрзо се смени кога SRT без двоумење го помина својот ривал и задржа водство до крајот на трката, постигнувајќи максимална брзина од 247 километри на час. Сепак, Chevrolet доби и втора шанса, која одлично ја искористи. Со побрз старт, Z06 постигна водство во целата трка, кое му донесе сигурна победа.
Ако можеме да извлечеме некаков заклучок, тоа е дека овој пар, и покрај тоа што се во сосема поинаков концепт, претставуваат одлични изведувачи и резултатите можат лесно да се разликуваат, особено кога ќе се земе предвид човечкиот фактор.