Викенд тарифа: Koenigsegg Jesko Absolut повторно е на врвот меѓу хиперавтомобилите
Koenigsegg Jesko Absolut постави нов светски рекорд постигнувајќи 0-400-0 км/ч за 25,21 секунди, победувајќи го досегашниот рекордер Rimac Nevera R.

Koenigsegg Jesko Absolut повторно е на врвот на светот на хиперавтомобилите, откако постави нов рекорд во забрзување и сопирање: од 0 до 400 km/h и назад до целосно запирање за само 25,21 секунда. Со тоа, шведскиот хиперавтомобил го надмина претходниот рекорд на Rimac Nevera R од 25,79 секунди.
Овој подвиг претставува огромен напредок во светот на перформансите, ако се земе предвид дека Bugatti Chiron во 2017 година за истиот тест имаше потреба од 41,96 секунди – дури 16 секунди повеќе од Jesko Absolut.
Подобрени перформанси со „Absolut Overdrive“
За да го врати тронот, Koenigsegg разви нов софтвер наречен Absolut Overdrive, кој ја оптимизира стратегијата на влечење и ја намалува интервенцијата на системот за контрола на тракцијата при старт. Благодарение на овие промени, Jesko Absolut забрзува побрзо од кога било досега.
Тестираниот автомобил, истиот што минатата година го заврши предизвикот за 27,83 секунди, сега ја постигна импресивната бројка од 25,21 секунди – и тоа на писта која сè уште се сушеше по дожд.
Импресивни бројки
Jesko Absolut го достигна 400 km/h за само 16,77 секунди, а сопирањето од таа брзина до 0 траеше 8,44 секунди. Дополнително, беше забележано и време од 25,67 секунди за 0-250-0 mph (0-402 km/h). Овие резултати го потврдуваат статусот на Jesko како најбрзиот и најнапредниот хиперавтомобил во светот.
Добри вести за сопствениците
Koenigsegg потврди дека сите подобрувања направени за овој рекорд ќе бидат применети и кај клиентските автомобили. Тоа значи дека сопствениците на Jesko Absolut низ целиот свет ќе можат да го почувствуваат истото екстремно ниво на перформанси какво што беше постигнато на рекордната проба.
Со овој потег, Jesko Absolut не само што повторно ја потврди доминацијата на Koenigsegg, туку и уште еднаш ја подигна границата за тоа што значи врвна брзина и инженеринг во автомобилската индустрија.