Викенд тарифа: Xiaomi SU7 Ultra побрз и од Porsche и од Rimac на Nürburgring
Xiaomi SU7 Ultra постави време од 7:04.957 на Nürburgring надминувајќи ги времињата поставени од Porsche и Rimac

Електричниот седан на Xiaomi, SU7 Ultra, не само што покажа дека Кина е сериозен играч во автомобилската индустрија, туку и запиша историско време на една од најтешките патеки во светот – Nürburgring Nordschleife. Со официјално потврдено време од 7:04.957 минути, SU7 Ultra стана најбрзиот сериски електричен автомобил на „Зелениот пекол“.
Побрз од Porsche Taycan Turbo GT и Rimac Nevera
Иако ова време е 18 секунди побавно од минатогодишниот прототип на SU7 кој постигна 6:46.874 со поагресивна аеродинамика и намалена тежина, сериската верзија со дополнителниот Track пакет успеа да ги надмине Porsche Taycan Turbo GT (7:07.55) и дури и хиперавтомобилот Rimac Nevera (7:05.298).
Официјалниот круг беше снимен и објавен од страна на Nürburgring и Xiaomi, при што автомобилот достигнува импресивни 345 км/ч на долгата права – речиси до максималната декларирана брзина од 350 км/ч.
Моќ од 1.527 КС, но не веднаш
Xiaomi SU7 Ultra користи конфигурација со три електромотори, кои заедно испорачуваат 1.527 КС (1.138 kW / 1.548 PS) и 1.770 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч трае само 1,89 секунди. Сепак, купувачите не ја добиваат целата моќ од старт. Возилото доаѓа со „само“ 888 КС, а остатокот се отклучува по успешно завршена квалификациска рунда на Xiaomi-сертифицирана патека, преку вградениот Qualifying Mode систем.
Хиперавтомобилски перформанси по „разумна“ цена
И покрај перформансите што ги надминуваат дури и некои хиперавтомобили, Xiaomi SU7 Ultra е ценовно многу подостапен. Во Кина, моделот стартува од 529.000 јуани (околу 73.600 американски долари), што е далеку пониска цена од Taycan Turbo GT, кој започнува од 1.998.000 јуани (приближно 278.000 долари).
Xiaomi сериозно влегува во автомобилскиот свет
Извршниот директор на Xiaomi, Леј Џун, најави дека ова не е крајот на амбициите на брендот во автомобилската индустрија. Тој верува дека времето на Nürburgring може дополнително да се подобри, што укажува дека SU7 Ultra е само почеток на електромобилската офанзива на Xiaomi.