Vinfast и Pininfarina ги најавија VF8 и VF9 за Европа
Vinfast и Pininfarina ги прикажаа двата електрични кросовери наречени VF8 и VF9 во Барселона во пресрет на испораките во Европа оваа година
Првично претставени на Салонот за автомобили во Лос Анџелес минатата есен како VF e35 и e36, за подоцна да ги добијат имињата VF8 и VF9, двата електрични кросовери на виетнамскиот производител Vinfast, а дизајнирани од страна на прославената италијанска компанија Pininfarina, ќе пристигнат на пазарот во вториот дел од 2022 година, а за таа цел Vinfast и Pininfarina ги прикажаа двата SUV модели од D и E сегментите во Барселона како најава за почетокот на испораките.
Vinfast VF8 ќе чини 36.133 евра за Eco верзијата, а од 42.669 евра за Plus опцијата, додека поголемиот VF9 стартува од 49.280 за Eco, односно 53.413 евра за Plus верзијата.
Од Vinfast велатт дека VF8 и VF9 се инспирирани од спортските автомобили и се референца на „модерниот дизајнерски јазик за да се оптимизираат аеродинамиките“. И додека линиите кај прозорците се радикално различни кај двата SUV модели, особено околу C-столбовите, и двата го споделуваат карактеристичниот V-мотив на решетката.
Техничките детали и понатаму се скромни, но Vinfast вели дека поставката со два електромотори и погонот на сите четири тркала кај VF8 испорачува до 408 КС и 620 Nm, а може да помине 499 километри со најголемата достапна батерија. Опцијата со еден електромотор испорачува 204 КС, а тоа во комбинација со помалата батерија е доволно за да се поминат 459 километри со едно полнење.
VF9 најверојатно ќе го добие истиот погон, но ќе нуди простор за седум патници, заедно со уште поголем опсег на движење. Стандардната батерија ќе овозможува опсег од 484 километри, додека унапредувањата ќе понудат и до 679 километри опсег на движење.
Двата автомобили пристигнуваат опремени со големи 15,6-инчни екрани на допир на контролната табла, head-up екрани и евентуално ќе треба да понудат функционалност на автономно возење од Ниво 3, нешто што во моментов се нуди само кај знаменосците на Mercedes.