Vision GT е необичен дигитален концепт на Porsche
По претставувањето на Mission R кон почетокот на септември во Минхен, Porsche покажа уште еден спектакуларен концепт наречен Vision GT
Porsche Vision GT (Gran Turismo) е најновиот виртуелен тркачки автомобил за видео играта Gran Turismo и ќе биде достапен за љубителите на видео игрите од 4 март 2022. За првпат, луѓето од Цуфенхаузен се здружија со Polyphony Digital да креираат возило кое ќе постои единствено во гејминг конзолите.
Но, иако концептот на Porsche е направен за дигиталниот свет, компанијата креираше и прототип во природна големина и најави дека неговиот дизајн го прикажува патот кој ќе го следат идните електрични спортски автомобили на компанијата. Инаку, ова е првпат германскиот производител да направи автомобил ексклузивно за видео игра, следејќи го примерот на останатите компании како Mercedes, McLaren, Lamborghini и Jaguar.
Кога станува збор за самиот концепт, истиот е целосно електричен. Истиот нема никакви врати, а пристапувањето до кабината се прави преку масивната крошна на предниот дел. Сега веќе традиционалните LED фарови на Porsche добиваат нов изглед и се поставени пониско на предниот дел. Тука се наоѓа и сплитерот кој има активни аеро елементи и се движи самостојно во зависност од брзината на возилото за подобар проток на воздухот. На задниот дел се наоѓа спојлер кој исто така ја менува својата конфигурација со цел да генерира дополнителна потисна сила и да го задржи електричниот тркачки автомобил „залепен“ за патот. Под спојлерот се наоѓа широката LED лента која очигледно е инспирирана од Taycan и претставува своевиден мост меѓу реалноста и фантазијата.
Внатрешност максимално ориентирана кон тркањето
Во кабината, кокпитот кој е фокусиран кон возачот се одликува со повеќето контроли на необичниот управувач обложен со Алкантара. За ентериерот се користени само вегански материјали, со оглед на тоа дека Porsche е еден од многуте производители кои промовираат одржливост. Наместо конвенционален инструмент кластер, Porsche Vision GT користи холограмски екран кој изгледа како да плови над управувачот.
Седиштата се поставени директно на монокок шасијата за подобра торзиона ригидност. Како што може да се очекува за еден тркачки автомобил, Porsche „искористи“ голема доза на карбон и ги соголи панелите од вратите со цел да заштеди уште повеќе тежина.
Кога станува збор за техничките спецификации, од Porsche останаа таинствени, но Gran Turismo играта излегува за неколку месеци, па нема да мораме да чекаме многу за да дознаеме како е замислено да се снаоѓа Vision GT на патеките.