Volkswagen го претстави електричниот ID.5
Volkswagen ја проширува својата електрична понуда со додавањето на ID.5, своевидна SUV купе верзија на постоечкиот ID.4, во своето електрично семејство
ID семејството на електрични модели на Volkswagen го доби својот најнов член, а тоа е ID.5. Станува збор за електричен кросовер со купе изглед и ќе се продава на европскиот пазар, иако VW навести дека подоцна би можел да пристигне и во други земји.
Volkswagen ID.5 задржува поголем дел од стилските детали како и ID.4, но со спортска опаѓачка покривна линија. Разликата во профилот не е драматична кога станува збор за функционалноста, но сепак додава дополнителен стил на моделот. Двата модели го имаат истото меѓуоскино растојание и севкупна должина. Но, и покрај тоа што е поставен на MEB архитектурата, ID.5 има и свои карактеристики. Така, ID.5 пристигнува со само една, 77 kWh батерија во комбинација со една од трите опции за моќноста, зависно од верзијата – ID.5 Pro, ID.5 Pro Performance или ID.5 GTX.
Три опции за погонот
Pro и Pro Performance добиваат електромотор поставен на задната оска, при што ID.5 Pro испорачува 171 КС и од нула до „стотка“ стигнува за 10,4 секунди. Pro Performance има 201 КС и спринт од 0 до 100 км/ч за 8,4 секунди, а максималната брзина кај двете верзии е 160 километри на час. Од друга страна, ID.5 GTX добива два електромотори, погон на сите ечтири четири тркала и моќност од 295 КС. Забрзувањето од 0 до 100 км/ч се достигнува за 6,3 секунди, а максималната брзина е 180 километри на час.
Од Volkswagen велат дека Pro Performance е проектиран да понуди до 520 километри опсег на движење, додека GTX има 480 километри. ID.5 го добива овој опсег благодарение на својот 0.26 коефициент на отпор, што е за 0.2 подобро од ID.4. Сепак, купе формата влијае на багажниот капацитет кој изнесува 549 литри, односно 1.561 литри со спуштени задни седишта.
Богата технологија
Во внатрешноста ID.5 го добива истиот изглед како ID.4, со истиот инфозабавен екран и дигитален инструмент кластер. GTX моделите добиваат ознака на седиштата како дополнителна карактеристика. Како што може да се очекува, ID.5 пристигнува со сите најнови технологии во себе. Тука е и heads-up екранот со проширена реалност, асистенции за возачот како адаптивен темпомат и асистенција за одржување на коловозната лента и бежични over-the-air унапредувања на софтверот.
Покрај сето ова, Volkswagen ID.5 добива и напредни полначки спсобоности, па така на брзополнечките станици, моделот може да се полни со капацитет до 135 kW, а тоа обезбедува од 320 до 390 километри за околу 30 минути.
Од Volkswagen не соопштија детали за цените, но тоа ќе биде објавено како што ќе се наближува датумот на продажбата. Моделот треба да пристигне на европските пазари во текот на следната година.