Volkswagen го претстави перформансниот ID.4 GTX
Германскиот производител Volkswagen подготви специјална и перформансна верзија нa својот електричен кросовер ID.4 кој го добива суфиксот GTX
На презентација која заврши предмалку го видовме ID.4 електричниот кросовер кој доби унапредување и поголема моќност, попат VW го оживеа и познатото име за својот најспортски ID модел досега. Резултат на сето ова е ID.4 GTX кој пристигнува со 299 КС, а спринтот од нула до „стотка“ го достигнува за две секунди побрзо од досегашниот најмоќен ID.4, односно за 6,2 секунди. Од 0 до 60 км/ч стигнува за 3,2 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 180 километри на час, што е 20 км/ч повеќе од стандардниот ID.4.
Дополнителната моќност на кросоверот не доаѓа само од едноставно зголемување на задниот мотор. Имено, додека стандардниот ID.4 добива моќност од 203 КС од еден електромотор поставен на задната оска, GTX ја добива истата поставка, но притоа е додаден втор електромотор на предната оска за вкупни 299 КС.
Volkswagen ID.4 GTX пристигнува со поголемата, 77 kWh батерија која овозможува перформансниот кросовер да помине околу 480 километри според WLTP циклусот. Исто како и стандардниот ID.4 со 203 КС, така и GTX верзијата поддржува полнење на 125 kW полнач, за што од VW велат дека е доволно да се добие опсег на движење од околу 300 километри со половина час полнење.
Уникатни стилски елементи
Кога станува збор за стајлингот, VW направи напори за да го одвои GTX моделот од „обичниот“ ID.4. Така, новиот ID.4 GTX ги добива IQ.Light LED Matrix предните светла на Volkswagen како стандарден дел од опремата, заедно со сјајно црн спојлер и отвори за воздух. LED светлата со три точки кои се поставени вертикално кај лажните отвори за воздух се ексклузивни за перформансниот модел. Тука е и новата боја за екстериерот Metallic Kings Red. Исто така, GTX е поставен на 20-инчни тркала како стандард, но купувачите како опција можат да изберат и поголеми, 21-инчни тркала.
Во внатрешноста, новиот спортски електричен кросовер ќе се истакнува со своето амбиентално осветлување во 30 бои, црвените конци и греењето на управувачот. Купувачите ќе имаат голем број на опционални пакети достапни, при што во автомобилот ќе можат да добијат head-up екран со проширена реалност и унапредениот 12-инчен екран од инфозабавниот систем со што ќе се замени стандардниот 10-инчен екран.
VW ID.4 GTX користи автоматски подесив систем за погон на сите четири тркала, бидејќи електричниот SUV останува во конфигурација со погон на задните тркала, се додека сензорите не детектираат дека е потребно поголемо триење. Погонот на сите тркала се активира и кога возачот ќе ја стисне педалата за забрзување за „спортски возачки стил“, како што велат од Volkswagen, а префрлувањето од погон од две на сите четири тркала се одвива во милисекунди и возачот воопшто нема да го почувствува.
Пристигнува ова лето
За дополнителна сума, купувачите можат да го добијат Sports пакетот кој го спушта електричниот SUV за 15 милиметри и додава прогресивно управување за уште подобро возачко искуство. Адаптивните амортизери исто така чинат дополнително како дел од Sports Plus пакетот, при што се балансира меѓу спортскиот дух и удобноста. Возачот може да бира меѓу пет режими на возење и тоа Eco, Comfort, Sport, Individual и Traction режими.
Инаку, GTX суфиксот Volkswagen го користеше на голем број свои модели на различни пазари во последните 40 години. Отсега, па натаму, овој беџ ќе се користи само за спортски верзии на Volkswagen ID електричните автомобили.
Новиот Volkswagen ID.4 GTX ќе се најде во продажба во Европа ова лето и ќе има почетна цена од 50.415 евра во Германија.