Volkswagen одлучи да започне со развој на новиот Passat
По долгите дилеми и расправи за иднината на Passat, раководството на Volkswagen одлучи да даде зелено светло за развој на деветтата генерација на овој модел
Подолго време се шпекулираше за иднината на Volkswagen Passat, односно дали ќе ја добие својата идна генерација. Oсобено откако претседателот на групацијата VW Херберт Дис изрази сомнежи за неговата замена. Популарноста на Arteon и прифаќањето на електричниот концепт ID. Vizzion во јавноста се наведуваа како главните причини за неизвесната иднина на Passat. Не треба да се заборави ниту популарноста на SUV моделите кои го нарушуваат пазарното учество во сите сегменти.
Сепак, се чини дека идеите на Херберт Дис ја загубија интерната битка во Volkswagen. Tака Passat ќе ја продолжи својата успешна приказна. Но, со новата генерација ќе има и огромни промени. Првата е што овој популарен автомобил од D сегментот повеќе нема да се произведува во Германија, туку монтажата ќе се одвива во Чешка, односно во фабриките на Škodа.
Покрај тоа, Volkswagen ќе стави крај на досегашната пракса да прави две варијанти на истиот модел Passat, односно едната да ја користи MQB платформата, а другата за американскиот пазар која е поставена на старата PQ46 платформа. Од 2023, кога би требало да пристигне новата генерација, сите верзии на Passat ќе ја користат унапредената варијанта на MQB платформата. Оваа архитектура ќе овозможува погон на предните или сите четири тркала, а ќе може да поддржи и plug-in хибридна технологија. Германските медиуми наведуваат и дека истата ќе може да се користи и за целосно електрична варијанта.
Германските медиуми тврдат дека Volkswagen веќе го решил изгледот на новиот Passat. Но, од друга страна дизајнот не е приоритет, туку комфорот и пространоста во кабината. Ова наведува дека возилото ќе има поголемо меѓуосовинско растојание во однос на актуелниот модел. Дилема е дали адутот на VW во D сегментот ќе ја задржи седан формата или ќе добие liftback издание кое е се попопуларно во оваа класа. За ваков чекор се одлучи и Škoda Superb.
За крај, се очекуваше и Passat Alltrack да замине во пензија, но тоа изгледа нема да биде случај. Според непотврдени информации, VW нема намера да се откаже од оваа верзија и ќе се користи и кај деветтата генерација на Passat.