Volkswagen се пофали со дизајнот на ID.4 со нови цртежи
Volkswagen ќе влезе во сегментот на електрични SUV модели со ID.4, кој ќе ја доживее својата премиера кон крајот на следниот месец
Компактниот Volkswagen ID.4, кој е вториот модел на компанијата базиран на MEB платформата наменета за електрични возила, по хечбекот ID.3, повторно е во центарот на вниманието, откако германската компанија одлучи да објави нови цртежи во кои се отсликува дизајнот на екстериерот.
„ID.4 претставува еволуција на електричниот дизајн. Екстериерот е чист и моќен. Делува силно и полно со самодоверба на еден поинаков начин. Тоа е најмногу поради аеродинамичниот стил на нашето ID семејство, кој го пренесуваме во SUV сегментот за прв пат со ID.4. Ова значи дека нежните, меки транзиции ги менуваме со остри, јасни агли. Дизајнот делува како да е модифициран од самиот ветер“, вели шефот дизајнер на VW групацијата, Клаус Зикиора, кој е задолжен за изгледот на автомобилот, заедно со неговиот тим.
Автомобилот најпрво ќе пристигне во Европа и Кина, а нешто подоцна и во Северна Америка. ID.4 иницијално ќе се нуди со електромотор кој ќе произведува 201 КС и 310 Nm вртежен момент кои ќе ги напојуваат само задните тркала. Верзијата со погон на сите четири тркала ќе пристигне подоцна, со втор електромотор задолжен за напојување на предните тркала и комбинирана моќност од 302 КС и 450 Nm вртежен момент.
Сите верзии ќе содржат високо-волтаична батерија, позиционирана во дното за да создаде низок центар на гравитација. Зависно од големината на батеријата, електричниот Volkswagen ID.4 ќе има автономија на движење до 500 километри според WLTP. Предпродукцијата на ID.4 веќе започна во Антинг фабриката во Кина и во Цвикау, Германија.