fbpx

Volkswagen започна со производството на електричниот ID.3

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen конечно започна со производството на „електричниот Golf“, хечбекот ID.3

Volkswagen ID.3 најпрво имаше проблеми со софтверот кој конечно е преброден, а сега и со застој во производството предизвикан од пандемијата на новиот коронавирус поради што беше запрено производството на сите автомобилски производители, но фабричките ленти на погонот во Цвикау во Германија, каде ќе се произведува ID.3, повторно се стартувани.

Според изјавата на портпаролот на компанијата, лансирањето на овој модел на пазарот се планира за тековното лето. „Нашата цел е на купувачите што е можно побрзо да им ги испорачаме првите 30.000 возила кои се дел од првата серија на моделот ID.3“, истакнуваат од Volkswagen.

Пред фабриката во германскиот град Цвикау да биде привремено затворена поради пандемијата на Covid-19, од Volkswagen пристигнуваа најави дека во тој погон дневно ќе се изработуваат преку 100 примероци на електричниот хечбек од ID електричното семејство на германскиот производител. Откако производството на овој модел ќе влезе во посакуваниот ритам, Volkswagen планира да ја активира и втората производствена лента на која ќе се склопува вториот електричен модел, кросоверот ID.4.

Во фабриката во Цвикау, која е специјализирана за електрични автомобили, ќе се изработува и електричниот кросовер Audi e-Tron Sportback, како и електричниот сериски модел на Seat, заснован на концептот el-Born. Пред погонот во Цвикау, Volkswagen веќе го започна производството во својата фабрика во Братислава, каде се произведуваат моделите како Porsche Cayenne, VW Touareg и Audi Q7.

Volkswagen ID.3

 

Поврзани вести

Back to top button