Volvo Cars и Geely размислуваат за целосно спојување
Volvo Cars и матичната компанија Geely објавија дека размислуваат за спојување во единствена компанија со цел да станат поконкурентни на глобалниот пазар
Шведскиот производител на автомобили, Volvo, е во сопственост на кинескиот гигант Geely Automobile Holding од 2010 година, но и понатаму е посебна фирма која ја поседува марката заедно со Lotus, Lynk & Co, Proton и LEVC. Polestar, новата марка на целосно електрични автомобили е во заедничка сопственост на двете компании.
Geely Holding има и низа други вложувања, вклучително и 9,7 проценти удел во Daimler стекнат во 2018 година, како и 49,9 проценти во Proton од 2017 година и мнозински удел во британскиот бренд за спортски автомобили Lotus.
Предложениот договор би ги споил Volvo и Geely Automobile Holdings, а двете компании велат дека овој договор „ќе ја забрза финансиската и техничката синергија“, при што со „големината, знаењето и ресурсите би биле лидер во тековната трансформација во автомобилската индустрија. Тие додадоа дека и покрај здружувањето „ќе го зачуваат посебниот идентитет“ на брендот Volvo, Geely, Lynk & Co и Polestar.
Овој договор би ги обединил растечките автомобилски марки на кинескиот сопственик и би создал компанија вредна околу 30 милијарди долари, чија вредност може да се спореди со американскиот производител Ford Motors.
Geely ќе го зачува идентитетот на Volvo
Комбинираната годишна испорака на новата компанија ќе надмине 2 милиони единици, на база на податоци од 2019 година, што би било на ниво на испорака на автомобили на брендот BMW. Geely Automobile во 2019 година продаде 1,36 милиони автомобили, а оваа година има намера да продаде 1,4 милиони автомобили. Volvo минатата година продаде нешто повеќе од 700.000 автомобили.
Двете фирми основаа заедничка работна група на чело со шефот на Volvo Хакан Самуелсон која ќе го развие предлогот и ќе го предложи на одборите на двете фирми. Портпаролот на Volvo истакна дека целта е да се заврши со создавање на нова група од крајот на годината. Претседателот на Geely Ли Шифу изјави дека договорот „ќе ја засили синергијата внатре во групата со задржување на конкурентските предности и интегритетот на секоја поединечна марка“.
Volvo и Geely веќе имаат корист од големата заедничка технологија, вклучително CMA и SPA платформите, и тие се во процес на спојување на своите одделенија на мотори со внатрешно согорување во една фирма. Портпаролот додаде дека тој договор ќе овозможи „вложување во нови технологии како што се електрификација, поврзаност и технологија за автономно возење“.
Двете компании би имале голема корист од спојувањето
Откако Geely го купи Volvo, кој тогаш беше во потешкотии, од Ford, марката се ревитализираше и постигна рекордна продажба, најмногу благодарение на ширењето на својата SUV понуда. Во последните години Volvo направи неколку хибридни чекори под шефот Хакан Самуелсон, вклучително поставување на целта да стане производител на електрични автомобили во рок од само 20 години.
Со спојувањето и Volvo и Geely би можеле да имаат корист од поголемиот заеднички технички развој и заедничките производни погони, што би можело да биде од витална важност да останат конкурентни на гигантите како што се Volkswagen групацијата и ново споените PSA група и Fiat Chrysler Automobiles. Тоа исто така би можело да му овозможи на Volvo дополнителен производствен капацитет во фабриките на Geely во Кина, додека би му помогнало на Geely во обидите своите марки да ги прошири во Европа.
Новата компанија првично би се нашла на берзата во Хонг Конг, со намера дополнително да се појави во Шведска. Ако оваа идеја се реализира, засега не е познато како би се формирало раководството на комбинираната компанија.