Volvo го претстави целосно електричниот C40
Во согласност со новата филозофија на компанијата за производство на исклучиво електрични возила од 2030, Volvo го претстави целосно електричниот модел C40
Новиот Volvo C40 е првиот исклучиво и целосно електричен автомобил на шведскиот производител, кој ќе се продава исклучиво онлајн, а пристигнува со неколку новитети и технологии кои за прв пат се појавуваат на пазарот. Од Volvo истакнуваат дека со премиерата на C40 не се добива само нов автомобил, туку ја најавува и насоката и иднината на брендот. Инаку, премиерата на C40 се одржа преку дигитални канали, а автомобилот беше претставен на три места истовремено – во Њујорк, Милано и Токио.
Шведската компанија ги најави своите планови за да го претстави својот втор електричен автомобил во декември 2020 година, но притоа не сакаше воопшто да го открие идентитетот на моделот. Оваа мистерија денеска беше разоткриена, откако C40 ја доживеа својата премиера. Новиот електричен кросовер на Volvo ќе биде базиран на Compact Modular Architecture (CMA) платформата на компанијата, што значи дека C40 ќе биде во сродство со XC40.
Исклучиво електричен модел
Со претставувањето на C40 Recharge, кој наликува на XC40 но со купеовска форма, вториот електричен модел на шведскиот бренд се одлкува со нешто пониска покривна линија и поспортски заден дел со цел да ја капитализира популарноста на кросовер-купе моделите. Она што е најважно со C40 е што овој модел ќе биде исклучиво електричен, за разлика од XC40 Recharge кој е достапен и со бензински мотор.
Дизајнот на предниот дел е променет во однос на XC40 со инсталирање на нови предни светла кои содржат пикселна технологија. Покрај ова, C40 се одликува и со нов браник на кој се поставени „магленките“. Со оглед на тоа дека сличностите со XC40 се очигледни, нужно е да се направат клучните разлики, па така задните светла кај C40 продолжуваат и на задната врата, а од Volvo истакнуваат дека новиот електричен модел воопшто нема да се нуди со кожа во ентериерот.
Новиот електричен кросовер на Volvo ќе биде понуден со цел опсег на уникатни нивоа на опременост и бои. Исто така пристигнува и со новиот инфозабавен систем на Volvo кој е базиран на Android кој е заеднички развиен со Google, со што ќе може да користи голем број од апликациите на технолошкиот гигант, а ќе биде достапен со неограничен мобилен интернет со цел да овозможи бежични унапредувања. Кога станува збор за дизајнот, кабината ќе биде мошне слична со онаа на XC40.
Модерен кросовер-купе модел
Кога станува збор за техничките спецификации, C40 не се разликува премногу од XC40. Новиот ЕВ кросовер е понизок за речиси седум сантиметри, додека должината и ширината се маргинално зголемени. Како и другите кросовери кои добиваат купе третман, така и во овој случај просторот за глава на задниот дел е намален за четири сантиметри, но од друга страна капацитетот на багажникот останува ист.
Volvo C40 Recharge се напојува со два електромотори поставени на двете осовини и испорачуваат вкупно 402 КС и 660 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на електричниот кросовер-купе модел од нула до „стотка“ да стигне за нешто помалку од пет секунди, пред да ја достигне максималната брзина која е електронски ограничена на 180 километри на час.
Капацитетот на батеријата е 78 kWh од кои 75 kWh е искористлив, а тоа му овозможува на електричниот автомобил да помине 338 километри според EPA, односно 420 километри според WLTP циклусот, но сето тоа ќе се унапредува со бежичните софтверски унапредувања. Кога станува збор за полнењето, потребни се осум часа полнење со 11 kW полнач, додека со брз полнач од 150 kW до 80 проценти потребни се само 40 минути.
Нова стратегија на Volvo
Инаку, заедно со премиерата на C40, Volvo најави дека сака да стане целосно електричен бренд до крајот на деценијата, а главната цел е да продава исклучиво електрични и plug-in хибридни возила до 2025 година. За таа цел, покрај C40, во следните четири години ќе бидат лансирани и уште пет дополнителни ЕВ модели.
Новата стратегија на шведскиот производител е насочена кон најбрзорастечкиот сегмент во глобалната автомобилска индустрија – премиум електричниот пазар. Volvo има за цел да стане лидер во овој сегмент и ќе се фокусира на развојот на електрични возила во иднина.
Уште еден новитет кој беше најавен на премиерата е тоа што сите Volvo модели ќе бидат достапни исклучиво онлајн. Како дел од својата нова комерцијална стратегија, шведската компанија ќе инвестира големи суми на пари во каналите за онлајн продажба, радикално намалувајќи ја комплексноста во понудата на своите производи. Заедно со ова, Volvo ќе се насочи и кон целосна понуда за купувачите наречена Care by Volvo.
И покрај тоа што компанијата ќе има големи инвестиции во платформите за онлајн продажба, ќе создаде посилна врска со купувачите заедно со своите партнери кои остануваат клучен дел од искуството на клиентите и ќе продолжат да бидат одговорни за голем борј важни услуги како што е продажбата, подготовката, испораката и сервисирањето на возилата.