Volvo: Кинеските автомобили се поквалитетни од европските
Комунистичка Кина, за жал, сè уште ја има етикетата на земја каде се произведуваат продукти чии „стандарди за квалитет се на прилично ниско рамниште, а почитувањето на интелектуалната сопственост звучи како лоша шега“
Но, тоа веќе се менува, барем што се однесува до автомобилите?! Ова го тврди Робин Пејџ, постар заменик претседател на Volvo Cars, кој е одговорен за дизајнот на шведските модели. Според него, во Кина, квалитетот на автомобилската продукција е супериорен во споредба со оној на етаблираните европски производители. Сепак, Пејџ не може да биде непристрасен, па ова негово тврдење е малку претенденциозно, бидејки сопственикот на Volvo е кинескиот гигант Geely. Но, тој е категоричен!
– Кога почнавме со производство во Кина, сите под „лупа го ставаа“ квалитетот, но брзо стана јасно дека тој е подобар или на еднакво ниво со она што го нудиме и од погоните во Европа, потенцира Пејџ.
– Причината можеби се крие во тоа што во Кина се користи повеќе работна рака, а тоа се одразува добро на контролата на квалитетот, па така фабриките можат да реагираат побрзо и точно на промените во производниот процес. Затоа ние веќе не се грижиме за квалитетот на нашата кинеска продукција.
Geely брзо го префрли производството на Volvo во Кина, по купувањето на шведскиот бренд во 2009 година.
Почетокот беше со долгата верзија на претходната генерација S60, која беше извезувана во САД. Кина во моментов го произведува сегашниот S90, а во блиска иднина компанијата планира да произведува електрични автомобили и да ги извезува во целиот свет. Volvo не е единствената компанија која се потпира на производството на кинески извоз. Ford планира да ја склопува верзијата Cross Focus во Кина ,а ќе биде наменета за пазарот во САД, а BMW ќе произведува iX3 кој ќе се пласира на глобално ниво.