fbpx

Возевме BMW X3: Поголем, посилен и технолошки напреден

Со освежен дизајн, напредна технологија и импресивни перформанси, X3 продолжува да биде лидер во сегментот на премиум SUV модели.

Редакцијата на Авто Плус беше гостин на BMW во Минхен каде имавме можност да ги возиме новите модели, меѓу кои најмногу внимание привлече новата генерација на X3 – бестселерот на баварскиот производител. Овој SUV, кој веќе долго време е на врвот по продажби, сега пристигнува со освежен дизајн, подобрена технологија и значително зголемена моќност, поставувајќи нови стандарди во класата.

Новиот X3, сега во својата четврта генерација, е поголем, похрабар и поагресивен од својот претходник. Дизајнот е целосно преработен, со јасно изразена предна маска и големи „бубрези“, кои се веќе препознатлив белег на новите BMW модели. Предните светла се намалени и хоризонтално поставени, што на возилото му дава агресивен изглед. Профилот е чист и минималистички, со издигната карактерна линија која ја нагласува елеганцијата и динамиката на автомобилот. Задниот дел е дефиниран со широки светлосни групи и четири издувни цевки кај спортските изведби, што дополнително го истакнува неговиот спортски дух.

Во однос на димензиите, новиот X3 е поголем од претходникот, со повеќе простор во кабината и поголема практичност. Внатрешноста е модернизирана, со два големи закривени екрани кои доминираат на контролната табла. Екранот за инструментите има дијагонала од 12.7 инчи, додека централниот дисплеј е со 14.9 инчи и е поддржан од најновиот BMW OS систем, базиран на Android. BMW реши да го отстрани поголемиот дел од физичките копчиња, па речиси сите функции се управуваат преку екранот. Но, ротацискиот контролер на централната конзола останува, што е олеснување за љубителите на традиционалното управување.

Новина е и амбиенталното осветлување, кое создава пријатна и модерна атмосфера. Во однос на удобноста, X3 е на врвот во класата со пет седишта, со просторен ентериер и висококвалитетни материјали кои одговараат на премиум репутацијата на BMW.

Технолошки, новиот X3 е опремен со адаптивен темпомат, напреден хед-ап дисплеј и систем за навигација со дополнителна функција – на екранот може да се прикажува видео од патот пред вас, со визуелни инструкции за насока. Овој систем значително го олеснува возењето, особено во градски услови.

Што се однесува до перформансите, X3 доаѓа со две клучни верзии. Основната е X3 20, која има 2-литарски турбо-бензински мотор со вкупно 208 коњски сили и 330 Nm вртежен момент. Оваа конфигурација е доволно моќна за секојдневно возење, со одлична економичност благодарение на лајт-хибридниот систем.

Но, за оние што бараат повеќе адреналин, тука е X3 M50. Овој модел доаѓа со 3.0-литарски турбо-бензинец со шест цилиндри и испорачува 398 коњски сили и 580 Nm вртежен момент. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 4.6 секунди, а максималната брзина е ограничена на 250 km/h. Оваа верзија нуди уникатно спортско искуство, со динамично управување и изразено чувство на контрола, особено при агресивни маневри.

Зад управувачот, X3 нуди прецизност и динамика кои ретко се среќаваат во овој сегмент. Дури и во основната конфигурација, возилото се однесува игриво и реагира на најмалиот потег на управувачот, додека спортскиот режим дополнително го заострува управувањето и ја цврсти суспензијата. Сепак, и покрај спортскиот дух, X3 останува комфорен на автопат, со добро изолирана кабина и тивко возење дури и на повисоки брзини.

BMW X3

За време на тестот во Минхен, нашата рута вклучуваше делници на автопат и планински патишта, каде што новиот X3 се покажа како повеќе од способен. Суспензијата, иако насочена кон спортското возење, добро ги апсорбираше нерамнините, а моторите, особено во М50 изведбата, нудеа доволно моќ за сите услови.

Новиот BMW X3 дефинитивно ќе остане на врвот на својата класа. Со комбинацијата од иновативен дизајн, напредна технологија и перформанси кои се на високо ниво, овој SUV не само што ги оправдува очекувањата, туку и поставува нови стандарди. Комбинацијата од моќен мотор, врвни технологии и наметлив дизајн гарантираат дека X3 ќе продолжи да биде лидер на пазарот – и со причина.

Поврзани вести

Back to top button