fbpx

Возевме: Chery – Нов кинески бран

Кинеската автоиндустрија во последниве неколку години бележи енормно голем подем. Автомобиските марки од оваа земја се повеќе во својот фокус го ставаат европскиот континент, а една од нив е и марката Chery, која цели кон купувачите со своите „Up market“ модели.

На покана од компанијата Гранд Ауто, која во Македонија e импортер и ексклузивен застапник за возилата од марките на Ford, Hyundai и MG отпатувавме во Србија каде што имавме прилика меѓу првите во регионот да се дружиме со моделите на новиот член од портфолиото, кинеската автомобилска марка Chery.

Chery

Накратко за Chery

Кога станува збор за Chery вредно е да се знае дека компанијата е основана во 1997 година, многу набрзо по воспоставувањето на првиот развоен центар во матичната земја, отвара нови истражувачко развојни центри во Германија, САД и Бразил во кои се запослени преку 5.500 лица. На својствен начин и со 10 погони ширум планетата, Chery успешно чекори во автомобилскиот свет каде постигнува кумулативна глобална продажба која ја сочинуваат повеќе од 10 милиони единици на повеќе од 80 пазари во светот каде што досега е воспоставена продажно сервисната мрежа.

Компанијата Chery од своето основање имплементира стратегија за глобализација со што станува првата компанија за патнички автомобили во Кина која извезува комплетни возила, делови за CKD, мотори, производствена технологија и опрема на глобалниот пазар. Бидејќи автомобилските трендови се движат со молскавични брзини Chery го забрзува својот влез во ерата на интелигентни возила преку соработка со водечки компании за IT, како што се Horizon Robotics, Huawei, iFly Tek…

За пазарите во регионот и остатокот од европскиот континент, Chery на стартот подготвува палета од три возила, истата со тек на време ќе биде надополнета со неколку сосема нови модели, а тука се најавите за хибридни моторизации и целосно електрични изведби. Но за тоа кога ќе дојде вистинскиот момент. Сега е време да видиме кои се избраниците што треба да ја започнат продажната офанзива.

Chery FX

Полн со стил

Како глобален модел најмалиот во гамата, моделот FX е SUV првично замислен да цели кон новата, модерна генерација која преферира изразени стилски форми. Затоа дизајнот на предниот дел се состои од голема едноделно интегрирана маска на ладилникот кој се протега до речиси краевите на предниот дел на 1.830 мм широката каросерија. Тука пак светлосните групи се поделени во две групи, главните светла се поставени пониско во браникот, додека дневните светла со интегрирани секвенционални покажувачи за промена на правецот се на линија со поклопецот од моторот. Силуетата со изразена слегувачка линија и максимална висина од 1.588 мм на кровниот дел ја дава онаа посакува купеовска форма која во последно време зема се поголем дизајнерски замав и кај SUV возилата, а линиите кои додаваат на динамика започнуваат под прозорците на задните врати и се претопуваат во остро обликуваните стоп светла со што прави да изгледа далеку поголем од неговите 4.400 мм.

На задниот дел вниманието го привлекува интегрираниот кровен спојлер кој е составен од два дела со интересен облик и карактеристичната графика на поврзаните светосни елементи. Кај повисоките нивоа на опременост може да се добијат акцентирани елементи во црвена боја кои се сретнуваат на повеќе делови од каросеријата и на големите леснометални бандажи. Во кабинскиот дел се делува „хај-тек“, започнувајќи од двојно поставените екрани, секој со димензија од 10.25 инчи соединети во една целина на врвот од централната конзола. Следени од лентата со „шорткати“ интегрирани во украсна пијано црна лајсна под која се наоѓаат двете места изведени во „алкантара“ предвидени за одлагање на телефон, во исто време овозможувајќи нивно безжично полнење. Седиштата преслечени во кожа делуваат луксузно и спортски, за патниците во задниот дел е обезбедено доволно место благодарение на меѓуоскиното растојание од 2.630 мм. Кое во исто време создава и соодветен габарит на багажникот дел од 380 литри.

Chery

Chery Tiggo 7 PRO

Пријател на семејството

Chery Tiggo 7 PRO го зазема главниот удел во вкупната продажба на компанијата. Тоа не е само најдобриот модел според продажбата, туку автомобил кој за најкратко време го достигна највисокиот обем на испораки во сегментот на неколку блискоисточни пазари. Со добивањето на бројни награди кои се показател за успешноста на моделот, компанијата Chery одлучи дека овој модел заслужува да биде лансиран и на останати светски пазари. Како урбан луксузен теренец кој ја освоил наклонетоста на младата, семејна  популација, Tiggo 7 PRO се наметнува со својот надворешен изглед кој кокетира помеѓу класичниот и модерниот дизајн што во целина делува многу аткрактивно. Неговите линии пред се асоцираат на смиреност и грациозност.

Chery

Во внатрешноста особено се истакнува конфигурацијата која е богата со технологија од последната генерација, висококвалитетни материјали и завршна обработка која одскокнува што воедно треба да му овозможува да се вмеша во првите редови од сегментот. Со пропорции на семеен SUV е за нијанса поголем во сите правци од моделот FX, поставен е на платформа со меѓуоскино растојание од 2.670 мм која обезбедува повеќе од доволно простор во внатрешноста. Неговата дожина оди до границата од 4.500 мм, а ширината од 1.840мм вели дека рамената на сопатникот нема да ве допираат. Висината од 1.700 мм обезбедува максимален комодитет, а на тоа треба да се додаде и големиот панорамски кров со димензии од 1.13 м2. Волуменот на багажникот од 475 литри е повеќе од подготвен да ги исполни барањата на едно модерно семејство.

Chery Tiggo 8 PRO

Големото момче

Како вистински премиум производ, Tiggo 8 PRO гордо го покажува својот идентитет на водечки модел во гамата. Виско поставената „дијамантска“ маска е екслузивно создена за него со цел да се добие единствена естетска форма на предниот дел. Трите главни странични линии создаваат продорен ефект, како кога се движи овој 4.722 мм долг SUV, така и додека е статичен. Велат, пропорциите говорат се, па така висината од 1.705 мм и големо меѓуоскино растојание обезбедува одличен опсег на простор во кабината, затоа ова возило стандардно доаѓа во конфигурација со седум седишта кои се луксузно обложени и штепувани. Ниту останатите материјали кои се употребени во внатрешноста не отстапуваат од високиот стандарт кој компанијата си го поставила себеси, правејќи една целина од навистина богат пакет.

Во поглед на напредната и интелигентна технологија нема што многу да се додаде, речиси се што може да замислите своето место го има најдено и во овој модел. Поточно, тој е опремен со 12 ADAS функции кои обезбедува оптимална контрола и стабилност во различни услови на возење и градат разновиден интелигентен безбедносен систем за сите што се наоѓаат во кабинскиот простор. За комодитетот ќе споменеме само дека е на значително повисоко ниво одколку помалите преставници. Во багажниот простор основната конфигурација изнесува окулу 200 литри, но тоа е кога се сите седум седишта во игра, на вас останува да одлучите колку простор ви е потребен со едноставно соборување на седечките површини.

Само еден агрегат во понудата

Сигурно се прашувате зошто ниту еднаш погоре не е спомнат двигателот на возилата. Одговорот е крајно едноставен, за сите три модели во моментов е предвиден само еден агрегат, станува збор за 1.6 литарски турбо бензинец кој  испорачува максимални 186 КС и 275 Нм влечна сила. Силата во сите три случаи се пренесува преку автоматски менувач со двојна спојка и седум брзини кој доаѓа од полиците на реномираниот производител Getrag. Исто така, погонот кај сите модели е исклучиво на предните тркала. Единствено забрзувањата до 100 км/ч и крајната брзина се разликуваат. Моделот FX стигнува до 100 за 7,8 секунди, а неговата крајна брзина е 206 км/ч. Кај Tiggo 7 PRO мерењата велат дека оди до границата од 200 км/ч, а за спринт до 100 км/ч му се потребни 8,2 секунди. На Tiggo 8 PRO му се потребни 9,1 секунда до 100 км/ч, а максималната брзина изнесува 200 км/ч.

Во поглед на безбедноста кај овие модели мора да се истакне дека Chery посветил големо внимание, па така VDC, ESP, TCS, EBD, HSA, HDC и автономното возење од нивото 2.5 се само дел од системите кои доаѓаат во стандардната опрема, а гаранцијата од 7 години или 150.000 километри важи за сите изведби.

На крајот останува прашањето колку чинат овие возила? За жал, ниту ние не знаеме, во моментов цените за нашиот пазар се во формирање. Затоа, не се ни обидуваме да шпекулираме со овој особено осетлив дел, а штом ќе го добиеме и последното парче од сложувалката ќе го споделиме со вас.

Поврзани вести

Back to top button