Возевме Geely EX5: Eлектричен SUV што ги менува правилата на играта

Редакцијата на Авто Плус беше гостин на регионалната премиера на новиот Geely EX5 кој сега станува достапен и на македонскиот пазар

Првото запознавање со Geely EX5 го имавме во Србија, каде кинескиот производител ја одржа својата регионална премиера на својот најнов електричен SUV. Редакцијата на Авто Плус беше присутна на премиерата и имаше шанса од прва рака да се запознае со новиот адут на Geely. Иако македонскиот пазар на електромобили сè уште е во рана фаза, EX5 веднаш покажа дека е подготвен да игра во повисока лига. Првите впечатоци се позитивни – дизајнот е модерен, пропорциите балансирани, а вниманието на деталите очигледно. Поставен на GEEA 3.0 архитектурата, EX5 од старт изгледа како нешто повеќе од само „уште еден кинески електричен SUV“.

Дизајн што плени со воздржана елеганција

Новиот Geely EX5 изненадува со изразена присутност на патот. Предниот дел е чист, со LED светлосни елементи кои создаваат карактерен потпис. Наместо класична решетка, имаме затворена предница со интелигентни отвори за насочување на воздухот. Профилот е SUV-класичен, но со интересни детали како врежани линии на вратите и дискретни алуминиумски елементи. На задниот дел доминира целосна LED лента и спојлер кој визуелно го продолжува покривот, што му дава динамичен и спортски став.

Пространост и завршна обработка како во повисока класа

Внатрешноста е пријатно изненадување. EX5 нуди пространа кабина што лесно може да се мери со модели од повисока класа. На задната клупа има дури 1.005 mm простор за нозете и 1.001 mm за главата, што патниците во вториот ред особено го ценат. Седевме позади со пријател висок над 1.90 – немаше никакви проблеми со просторот.

Седиштата се обвиени во имитација на кожа со впечатлива изработка. Предните нудат и греење, вентилација и масажа со осум точки. Интересно е што масажниот режим има шест програми и три интензитети.

Центар на вниманието: Технологија и екранска доминација

Централно поставениот 15,4-инчен дисплеј доминира во кабината. Интерфејсот е брз и интуитивен, а чипот од 7nm што го движи системот навистина прави разлика. Промената на менито, поврзување со телефон преку Apple CarPlay, па дури и OTA ажурирањата – сè тече беспрекорно. Пред возачот се наоѓа 10,2-инчен инструмент дисплеј, но и 13,8-инчен Head-Up дисплеј што директно ги проектира информациите на шофершајбната. На автопат, HUD-от е одличен со јасен приказ дури и при силна сончева светлина.

Flyme Sound: Музика на ново ниво

Овде мора да се задржиме. Flyme Sound аудио системот со 16 звучници, 1.000W засилувач и звучници во потпирачот за глава е вистинско задоволство. Активиравме приватен режим – каде само возачот ги слуша инструкциите и музиката преку звучниците во потпирачот – и се чувствувавме како да сме во луксузен lounge. Басот е длабок, вокалите јасни, а просторот… спектакуларен. Дури и при 120 км/ч, звучната изолација останува врвна – мерењата велат 68,3 dB, но искуството е уште поимпресивно.

Geely EX5

Електричен погон и возни својства

Со електромотор од 160 kW (218 КС) и 320 Nm вртежен момент, EX5 е подготвен за сè. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае околу 7 секунди – иако не го возевме на стаза, можеме да потврдиме дека при секое притискање на педалата, имате веднаш достапен вртежен момент. При стартување од семафор или при претекнување, реакцијата е инстантна.

Батеријата од 60,22 kWh овозможува до 430 километри автономија. Полнењето преку DC станица (до 100 kW) ни дозволи да наполнеме од 28% до 80% за нешто над 20 минути додека пиевме кафе. EX5 користи нова Short Blade батерија со животен век до 1.000.000 километри и над 3.500 циклуси на полнење.

Удобност и паметна практичност

Во возење низ градот, EX5 се покажува како исклучително удобен. Потпирањето е софистицирано, а управувањето лесно и прецизно. Големата камера за паркирање и сензорите работат беспрекорно. Багажниот простор до 1.877 литри е исклучително флексибилен, со рамен под, дополнителни скриени прегради и три нивоа за складирање. Задната врата се отвора и затвора електрично – можевме да ја контролираме и преку мобилната апликација.

Безбедност и автономни технологии

EX5 располага со 16 ADAS функции, од кои ги испробавме неколку – адаптивниот темпомат работи мазно, а Lane Keep Assist системот благо коригира во случај на непланирано излегување од лента. Системите за автоматско сопирање и предупредување при отварање врати (DOW) функционираа прецизно при маневрирање во тесни паркинзи.

Geely EX5

CTB технологијата за интеграција на батеријата во каросеријата овозможува исклучителна цврстина и безбедност – торзионата цврстина од 31.000 Nm/степен е на ниво на спортски SUV модели.

Повеќе од очекуваното

Geely EX5 е изненадување од најпозитивен карактер. Не само што изгледа и се вози како возило од повисока класа, туку и нуди напредна технологија, висок комфор и паметно искористен простор. Со неофицијална почетна цена од околу 36.900 евра, EX5 не е само конкурентен – тој е нова референтна точка во класата на електрични SUV модели.

Geely EX5

Geely не само што покажа дека може да ги следи трендовите туку и дека може да поставува нови. EX5 е повеќе од автомобил, тој е мобилна технолошка платформа која ја носи иднината во сегашноста.

Поврзани вести

Back to top button