Возевме Hyundai Santa Fe Hybrid: Секогаш подготвен за авантура
Компанијата Hyundai за петата генерација на Santa Fe подготви целосно редизајнирана надворешност, која го носи овој голем SUV во друга димензија. Станува збор за исклучително маркантна и масивна структура која во живо, на асфалт изгледа извонредно цврсто и робусно без разлика од кој агол да пристапите.
Во рамките на регионалната презентација која се одржа на Златибор, тимот на „Авто Плус“ имаше можност меѓу првите во регионот да се запознае со новата генерација на знаменосецот на Hyundai, најголемиот SUV во нивната понуда – моделот Santa Fe.
Импозантна појава
Од првиот контакт со возилото е јасно дека Hyundai направил темелна промена во пристапот кон дизајнот. На предниот дел доминира масивна, правоаголна решетка која речиси целосно ги покрива предните отвори за воздух. Решетката има геометриски дизајн и хромирани детали, создавајќи впечаток на моќност и премиум квалитет. Нејзините краеви се поврзани со светлосните групи, кои се одликуваат со остро изразена Н-форма на дневните светла, што му дава на возилото футуристички изглед и технолошка прецизност. Острите линии на браникот дополнително придонесуваат за робусниот изглед, а долниот дел е опремен со заштита која го прави подготвен за возење на различни терени.
Од страната, Santa Fe изгледа елегантно, со чисти, правоаголни линии кои го дефинираат возилото. Долгиот поклопец на моторот јасно покажува дека се работи за „капиталец“, а големото меѓуоскино растојание создава впечаток на просторност и стабилност. Нагласените лакови над тркалата со остри аголни контури дополнително го зајакнуваат цврстиот изглед на возилото, додека 20-инчните леснометални бандажи додаваат завршен елемент на активниот изглед. Рамниот и долг покрив придонесува за масивниот став на возилото, а покривните носачи ја зголемуваат функционалноста кој е еден од клучните елементи на овој модел.
Задниот дел на Santa Fe се карактеризира по својата неманетлива естетика и минималистички пристап. Светлосните склопови се поставени на самите агли и го реплицираат Н-мотивот на предните LED светла, што создава визуелна конекција на двата краја од возилото. Големата врата на багажникот ги истакнува неговите пространи димензии и го одразува семејниот карактер на возилото, додека спојлерот на врвот додава динамичен допир на задниот дел. На сосема другиот крај, во долниот дел на браникот суптилно е поставен завршетокот на издувниот систем не скривајќи го изворот на погонско гориво. Радикалното одстапување од предходните генерации во поглед на дизајнот внесува свежина преку стилските детали и неговите пропорции. Покрај тоа создава спрега која треба да ја одржува рамнотежата помеѓу употребата во урбани средини и на патишта надвор од нив.
Висок квалитет и просторност во центарот на вниманието
Кабинскиот простор на новиот Hyundai Santa Fe е исто толку импресивен како и неговата надворешност, целосно фокусиран на пространост, луксуз и современа технологија. Очигледно е дека компанијата вложил многу труд во изборот на материјалите и завршната обработка во ентериерот. Меки, висококвалитетни површини се поставени низ целиот ентериер, дополнително акцентирани да допринесат кон премиум изгледот и чувство во просторот. За елегантната нишка во кабината се грижи задскриеното амбиентално осветлување со (повторно) Н-мотив и можност за персонализирање на боите, што допринесува за пријатна атмосфера во текот на ноќното возење.
Внатрешните габарити дозволуваат Santa Fe покрај стандардната конфигурација со пет да се опреми и со трет ред седишта, што значи дека може да смести до седум патници. Практичниот елемент вели дека во верзијата со пет седишта во багажаниот дел располага со 711 литри зафатнина, додека во изведбата со седум седишта габаритот се намалува на 628 литри, а можноста за преклопување на задните два реда отвораат простор со волумен од преку 2.000 литри.
Технологија отпорна на иднината
Моделот Santa Fe е преполн со најнова технологија. Па така, двојниот закривен панорамски екран ги интегрира инструмент таблата која информациите на возачот му ги палсира на 12,3-инчен што може да биде прилагоден според личните преференции. Со исти димензии е и централниот мултимедијален систем кој работи со последната генерација на компанискиот софтвер и обезбедува интуитивно корисничко искуство како и „Bluelink“ Connected Car пакети на услуги кои ќе бидат достапни од следната година. Поврзувањето со паметни телефони за користење на апликации и аудио содржини е изведен по безжичен пат, а тука е и бежичното полнење за мобилните телефони.
За климатизацијата е обезбеден посебен 6,6 инчен екран што овозможува побрза и полесна контрола од колку да е поставен во менито на главниот екран. Посебно интересна е преградата над совозачката остава која имплементира технологија што може да ги дезинфицира предметите скадирани во неа. Дигиталниот клуч од втората генерација пак ви овозможува преку вашиот паметен телефон да го отворите и стартувате возилото без физичко присуство на фабричкиот клуч.
Поедноставена моторна понуда
Во понудата кај Santa Fe се две моќни опции кои треба да ги задоволат потребите и желбите на повеќето возачи, дизел агрегатот е во целост исклучен. И двете изведби се погонувани од 1.6 литарски турбо бензински агрегат кој во зависност од електричната помош развива 253 КС кај Plug in моделот или 215 КС резевирани за „обичниот“ Hybrid.
На почетокот на нашиот пазар ќе биде достапен само верзијата со класичен хибриден погон која без разлика на нивото на опременост стандардно ќе доаѓа со погон на сите 4 тркала и автоматски менувач со 6 степени на пренос. Оваа конфигурација го носи од место на мирување до 100 км/ч за 9,6 секунди и максимални 180 км/ч. Важно е да се напомене дека во склоп на хибридниот погон работи и системот за регенеративно кочење, дозволоувајќи му на возачот да во „ECO“ и „SMART“ режимите на работа ја подеси силата со која ќе се рекуперира енергијата. Оваа енергија складиранa во батеријата со зафатнина 1,49 kWh потоа ја користи електричниот мотор, намалувајќи ја потребата за гориво и зголемувајќи ја автономијата на возилото.
По неколкуте рутите на кои го возевме Santa Fe слободно може да кажеме дека возилото нуди извонредни возни карактеристики и уверливи перформанси. Агрегатот функционира софистицирано, обезбедувајќи брза и флуидна реакција, додека хибридниот систем овозможува економичност без притоа да прави компромис со моќта. Погонскиот систем, подржан од погонот на сите тркала, го подобрува управувањето и стабилноста на различни терени, создавајќи чувство на самодоверба. Со добро подесената суспензија, возилото солидно се справува со условите на патот, нудејќи удобно и пријатно возење. Севкупно, Santa Fe се истакнува како SUV кој изненадувачки добро ги комбинира динамичност, ефикасност и удобност на патот.
Новата генерација на моделот Santa Fe е совршена комбинација на стил, перформанси и напредна технологија, нудејќи ефикасна хибридна опција и просторен ентериер кој натежнува кон премиум категоријата. Овој голем SUV мајсторски ги спојува удобноста и практичноста, обезбедувајќи доволна доза на динамичност и сигурно возење за секојдневни патувања и долги релации. Со својот модерен дизајн, врвни безбедносни функции и иновативен погон, Santa Fe се наметнува како сериозен избор за оние кои бараат возило што овозможува сигурно и комфорно возење, прилагодливо за градски услови и за долги патувања.
Во скоро време, очекуваме Santa Fe да пристигне и на македонскиот пазар, кога ќе имаме прилика со него да се дружиме на подолг период, за потоа да ги споделиме нашите впечатоци во целост.