Возевме Opel Grandland PHEV: Комплетирање на целосно електрифицираната постава

Првиот контакт со новиот Grandland го имавме на негoвaта инаугурација пред крајот на октомври минатата година во Руселсхајм, Германија. На настанот имавме прилика да ги испробаме Mild Hybrid и Electric изведбите на моделот, при што секоја од нив остави позитивен впечаток на свој начин. Сепак, беше очигледно дека во понудата недостасува верзија која ќе ја одржува рамнотежата помеѓу двете технологии и ќе претставува вистинска средина меѓу класичниот хибрид и електричниот модел. Во Opel речиси инстантно ја препознаа оваа потреба и ја пополнија празнината со нова Plug-in Hybrid технологија, создадена за лицата што сакаат електрификација, но се уште не се подготвени за целосен премин на погон кој користи само струја. Со цел да ја искусиме и детално запознаеме оваа изведба, на покана од Еуроимпекс – импортерот за возилата од гамата на Opel за Македонија во средината на февруари одпатувавме на живописната Палма де Мајорка од каде ги пренесуваме првите впечатоци.

Чисти перформанси и ефикасност

Иако платформата STLA Medium на која е поставен Grandland е оптимизирана за електрични автомобили, таа може да прими и други типови на работни единици. Затоа, во „ростерот“ е вклучен целосно новоразвиениот склоп кој ги интегрира 1.6 литарски турбо-бензинец со директно вбризгување од 110 kW (150) КС и електричен мотор од 92 kW (125) КС чија збирна системска моќност изнесува 143 kW (195 КС). Вкупната влечна сила од 350 Нм во соработка со електрифицираниот седумстепен менувач што користи двојна спојка се испраќа кон предните тркала. Воедно, конфигурацијата на возачот му гарантира соодветно задоволство при возењето што е прикажано преку забрзувањето од 0 до 100 км/ч за 7,8 секунди и максимална брзина 220 км/ч. Сепак, Grandland Plug-in Hybrid не е само спортски СУВ, приклучниот хибрид, исто така ги покажува своите силни страни во однос на обновувањето на енергијата и ефикасноста на сопирањето. Електричниот мотор станува генератор и ја претвора енергијата на сопирање во електрична енергија. Во исто време, возилото автоматски успорува при благи надолнини со што ја дополнува батеријата.

Така, Grandland Plug-in Hybrid може да покрие околу 900 километри (според WLTP) со еден резервоар гориво и полна батеријата благодарение на неговата ефикасна комбинација на возење. Податоците од официјалните мерења на WLTP велат дека потрошувачката на електрична енергија изнесува 20,4-21,0 kWh /100 км, плус 0,8-0-9 литри бензин/100 км со емисија на CO2 19-21 г/км. Потрошувачка на гориво кога батеријата е празна се движи во границата помеѓу 6,8-7,0 l/100 км. Додека, електромоторот може да обезбеди 87 километри самостоен опсег без емисии на штетни гасови што се должи на батеријата со капацитет од 17,9 kWh.

New Opel Grandland

За време на статичкиот дел од презентацијата домаќините ни го преставија постигнувањето со кој тимот на главниот инжињер Дирк Камински го ставиле на тест паметниот хибриден систем и тоа во зимски услови на ниски температури. Во таа прилика Grandland поминал дистанца од 1.115 километри со едно полнење на резервоарот и батеријата, од кои дури повеќе од третина (380 км) е користена само електрична енергија, без емитување на штетни гасови во атмосферата, додека просечната потрошувачка на бензин била еднакава на 4,6Л/100 км. Постигнатиот резултат иако не се зема како официјален е повеќе од импресивен, со најава дека имаат во план истиот тест да го повторат на крајот од пролета или почетокот на летото кога временските услови и температурите ќе бидат далеку поповолни.

Прецизна шасија со адаптивна технологија на амортизација

Без разлика на изборот на електрифицирана погонска изведба, новиот Opel Grandland нуди совршен баланс помеѓу динамика и удобност при возењето. Ова е постигнато благодарение на напредната STLA Medium платформа, која во Grandland обезбедува меѓуоскино растојание од 2.795 милиметри. Освен што го зголемува просторот во кабината, оваа архитектура придонесува за стабилност и предвидливо управување. Клучен елемент во возните својства е специјално координираната конфигурација на пружините, стабилизаторите, управувањето и ESP системот, кои ја нагласуваат Opel-овата ДНК во однесувањето на автомобилот на патот.

Дополнително, кај Electric и Plug-in Hybrid верзиите стандардно е вградена технологијата за амортизирање со селективна фреквенција. Овој систем, преку специјален вентил во амортизерите, овозможува прилагодување на потпирањето според условите на патот и стилот на возење. Сигурно се прашувате каков е резултатот? Она што го забележавме е дека двиижењето со пониски брзини по нерамнини, кога и воедно се повисоки фреквенциите е повеќе од комфорно и тоа на возило со 20 инчни тркала, од друга страна пак, кога фрекфенциите се ниски и контактот со патот е подиректен, за време на динамично возење ја одсликува агилноста. Возилото реагира интуитивно на секоја команда, останувајќи стабилно при нагли сопирања, влез во свиоци и возење на автопат со висока брзина.

Софистицирана естетика и паметни решени за одржлива иднина

За изгледот подетално говоревме кога прв пат го запознавме Grandland, сега само накратко ќе додадеме. Дизајнот веднаш привлекува внимание со карактеристичниот „3D Vizor“ и осветленото „Blitz“ лого напред, како и осветленото име на Opel на задниот дел кое несомнено додава премиум нота. Естетиката делува софистицирано и многу модерно, изведена е со остри и прецизни движења кои се концентрирани на семејните вредности. Визуелните моменти го нагласуваат импресивниот став на најграндиозниот СУВ во понудата на марката. Со 4,65 метри должина, 1,93 метри ширина и 1,66 метри висина, Grandland нуди повеќе простор од својот претходник, а зголеменото меѓуоскино растојание овозможува комфор за патниците и голем багажен простор кој варира од 550 литри во основната конфигурација до 1.645 литри кога задните седишта се соборени.

Во ентериерот, дигиталниот кокпит со дијагонала од 10 инчи и 16 инчниот инфозабавен екран ориентиран кон возачот се сместени на високата централна конзола што во една целина создаваат модерен и спортски амбиент. „Intelli-HUD head-up“ дисплејот овозможува фокусирано возење, додека „Pure Mode“ функцијата го минимизира одвлекувања на погледот за поудобно ноќно возење. Во типичната традиција на Opel, често користените поставки како што е контролата на климата се ракуваат интуитивно преку физички команди. AGR-ергономските седишта со „Intelli-Seat“ технологија гарантираат максимален комфор, а компанијата гарантира дека преслеките и внатрешноста се изработени висококвалитетни материјали кои се добиени од 100% рециклирани суровини, одразувајќи го залагањето и нивната посветеноста кон одржлива иднина.

Возевме: Opel Grandland Plug-in Hybrid Комплетирање на целосно електрифицираната постава

Практичноста во кабинскиот простор е нагласена со бројни паметни решенија, осветлената „Pixel Box“, безжичниот полнач за смартфони и интелигентните простори за складирање го прават секое патување попријатно. Напредните системи за асистенција, како „Intell Vision“ камерата од 360 степени, автоматската контрола на патувањето и проширеното препознавање на сообраќајни знаци, се тука за гарантираат сигурност во секоја ситуација. Во Opel се особено горди на интелигентните „Intelli-Lux HD“ светла со повеќе од 50.000 засебни елементи кои го адаптираат осветлувањето во реално време, елиминирајќи го отсјајот од знаците и влажните коловози со што драстично се подобрува видливоста при свиоци и лоши временски услови. Со оваа врвна технологија, новиот Grandland поставува и нови стандарди во безбедноста и возната динамика.

Последното парче од сложувалката е на своето место, со што е комплетирана целата слика во понудата на Grandland. Со целосно електрифицирано портфолио, напредни технолошки решенија и модерен дизајн, новата генерација на овој СУВ веќе ги освои експертите, крунисувајќи се со титулата „Најдобар автомобил под 50.000 евра“ на изборот Златен Управувач. Ние на тоа ќе додадаеме, моделот Grandland и неговите електрифицирани изведби во двата наврати ни навестија многу интересни можности кои наскоро ќе треба да ги потврди на повеќедневно дружење на домашен терен.

Возевме Opel Grandland Plug-in Hybrid

Поврзани вести

Back to top button