Возевме: Peugeot 308/308SW – Сурферскиот брег и новиот Peugeot 308

Португалската сурферска ривиера, со своите бескрајни плажи, солен воздух и ветрови што ја оформуваат секоја линија од пределот, беше совршена позадина за да се почувствува обновиот Peugeot 308 во вистинска форма. Иако овој модел веќе одамна ја има улогата на еден од најкарактерните хечбек автомобили што доаѓаат од европскиот континент, новата генерација настапува со поостар дизајн, позрела динамика и технолошка основа која во целост е подготвена за иднината.

Екипата на Авто Плус беше меѓу првите во светот што го возеше обновениот Peugeot 308 во двете негови верзии, како хечбек и како караван. Моделот настапува со целосно дизајнерски ревидирана предница, а под предниот поклопец е поставена обновена моторна палета. Составена од електричен двигател, дополнета со сосема новиот plug-in хибрид, до освежениот самополнечки ,,full“ хибрид, кој, без сомнение, ќе биде најинтересен за нашите купувачи.

Возевме: Peugeot 308/308SW Сурферската обала и новиот Peugeot 308

Хечбек значи спорт, караванот е чиста елеганција

Актуелната изведба на 308 отсекогаш важеше за еден од најуспешно дизајнираните модели во сегментот, но со најновото освежување французите одат чекор подалеку, во правец на посилна визуелна идентификација. Ова е првиот сериски Peugeot кој го носи осветлениот лав на предната маска, елемент кој веднаш го издвојува меѓу конкурентите и внесува технолошка нота што досега беше резервирана за повисоките класи.

Предницата изгледа поагресивно и подинамично, пред се благодарение на новата решетка во боја на каросеријата, хоризонтално проширена за да создаде визуелна ширина и присуство на патот. Осветлениот грб во центарот не е само стилистички потег, тој е и нова „потпис“ технологија на Peugeot, која ќе се прошири и кај идните модели. На обете страни се издолжуваат LED дневните светла, веќе карактеристични за марката, но сега со уште поостра гравура. Под нив, редизајнираниот браник добива поголеми и пофункционални отвори за воздух, кои ја подобруваат аеродинамиката и дополнително го нагласуваат спортскиот став на моделот.

Возевме: Peugeot 308/308SW Сурферската обала и новиот Peugeot 308

Профилот останува еден од најспортските во класата, поставен ниско со силно истакнатите линии му даваат мускулест став на автомобилот, а самата форма создава впечаток на компактност и стабилност. Модел препознатлив по динамичната силуета чии површински премини со мали интервенции сега изгледаат уште порафинирано. На задниот дел, Peugeot ја задржува визуелната традиција, па така минимално модифицираните LED светлосните групи во форма на „канџи“ се интегрирани во црно поврзано куќиште, решение што визуелно го проширува автомобилот и го нагласува технолошкиот карактер.

Деталите како аеродинамичните елементи на браникот и прецизната интеграција на амблемот создаваат чист, модерен и моќен изглед. Како и досега, 308 во хечбек форма останува меѓу најспортски дизајнираните во сегментот, со компактни пропорции, кратки превиси и динамична линија на покривот. Од друга страна, 308 SW ја носи француската еволуција на караванската форма со издолжена странична линија, поелегантен заден дел и покорисен багажник, создавајќи идеален баланс меѓу стил и практичност.

Внимание на деталите и нови нијанси

Покрај стилски освежувања на надворешноста марката ја збогатуваат визуелната палета на моделот. Нивото Allure, GT и GT Exclusive сега се опремени со нови алуминиумски бандажи од 17 и 18 инчи, додека електричните варијанти добиваат специјализирани 18 инчни тркала оптимизирани за пониска потрошувачка и подобра аеродинамика. Во понудата на бои се вклучени две специјални нови нијанси, Lagoa Blue за 308 и Ingaro Blue за практичната 308 SW верзија, истите се инспирирани токму од атлантскиот океан.

Еволуција на познатата теза

Во кабината, Peugeot и натаму игра на картата на специфичноста. Компактниот волан и повисоката инструмент табла бараат мало привикнување, но кога еднаш ќе се наместиш, одеднаш се има логика. Внатрешноста е препознатлива по i-Cockpit-от, но со мали подобрувања кои го носат во најрафинирана форма досега.

Возевме: Peugeot 308/308SW Сурферската обала и новиот Peugeot 308

Малиот управувач останува поставен ниско, дигиталниот инструмент панел и централниот екран се составни делови кои ја создаваат архитектура ориентирана кон возачот. Квалитетот на материјалите е видливо подигнат, помеките површини се забележливи насекаде, елегантно-спортските текстури се присутни во амбиентот, а има изведби каде што употребата на „алкантара“ е сеприсутна. Амбиенталното осветлување кое може да се персонализира го освежува амбиентот во внатрешноста, а i-Toggles – капацитивните кратенки кои може да ги сетирате по ваша желба го олеснуваат управувањето со најупотребуваните функции.

Инфотејмент системот користи нова софтверска платформа и процесор со поголема моќ што овозможува пофлуидно работење на системот, како и далеку побрза и полесно безжично поврзување со оперативните системи на Apple и Google паметните телефони. Воедно, навигацијата сега користи онлајн податоци за поголема прецизност. Кога говориме за седењето, сметаме дека во последнава генерација на 308 се изведени најудобните седишта во класата, кои се со AGR сертификат, со максимална странична поддршка и нови материјали кои ја подобруваат удобноста на долги релации. Просторот на задната клупа останува повеќе од конкурентен кај „хечбекот“, додека багажникот кај караванот и понатаму е меѓу најгабаритните во сегментот. Можноста, задни седишта може да се соборуваат во сооднос 40/20/40 овозможува волумен од стандардни 598 литри да се зголеми до 1487 литри. Практичната страна содржи и подвижен под на багажникот, како и  електрична пета врата.

Возевме: Peugeot 308/308SW Сурферската обала и новиот Peugeot 308

Целосна електрификација и големо враќање на дизелот

Французите одлучија моделот 308 сега да располага со целосно електрифицирана гама, со четири јасни пристапи, 100% електричен, нов Plug-in Hybrid, ревидиран Full Hybrid и проверен BlueHDi дизел. Потег, што воедно го прави 308 модел со најголем избор на двигатели на пазарот помеѓу директните конкуренти. Почнуваме со електричниот 308 кој поседува електромотор што произведува 156 КС и 270 Nm влечна сила расположива од самиот старт на движењето.

Задолжена за акумулирање на енергијата е батерија со употреблив капацитет од 58 kWh кои според WLTP мерењата обезбедуваат опсег на движење од 450 километри. Нејзиното полнење на брз полнач од 100 kWh од 20%-80% трае 32 минути. За 308 со овој електромотор се вели дека е еден од најефикасните модели во сегментот, тоа не е маркетиншка изјава на французите, така тврдат германските стручњаци од ADAC! Plug-in Hybrid верзијата од новата генерација е најважниот напредок во електрификацијата на моделот 308.

Возевме: Peugeot 308/308SW Сурферската обала и новиот Peugeot 308

Новиот PHEV систем носи значително поголема ефикасност и порафинирана работа. Комбинацијата е составена од  турбо бензинец со зафатнина од 1.6 литри кој испорачува 150 КС, а на него е приклучен електромотор кој самостојно произведува 125 КС за заедничка системска моќност на хибридниот склоп од 195 КС. На целината треба да се додаде и  батерија со капацитет од 17.2 kWh на која и се потребни окулу 2 часа на 7.4 kW полнач за целосно полнење, истата е одговорна и за  електричниот опсег на движење од 85 километри. Ова е најдинамичната верзија што ја испраќа силата преку седумстепен e-DSC7 автоматски менувач кој има рамномерна испорака на моќ, воедно го прави автомобилот исклучително тивок во електричен режим, што е евидентен чекор напред од претходниот хибриден систем.

За купувачите кои сакаат да зачекорат во електрифицираниот свет, а не се сосема сигурно во тоа, компанијата нуди уште една опција. Без кабел, без грижа, самополнечки хибрид што го комбинира 1.2 литарскиот бензинец и електромотор кои испорачуваат заедничка системска моќност од 145 КС. Во овој случај компјутерската единица сама решува кога ќе го користи електричниот мотор. Системот константно ја користи електричната енергија од батеријата со капацитет од 0,9 kWh, па затоа во просек дури 50% од времето на возење во градски услови автомобилот се движи на струја. Благодарение на тоа, потрошувачката се задржува во зоната од 5 л/100 км, а во целиот процес значителна улога игра и шестстепената e-DCS6 автоматска менувачка кутија. Автомобилот опремен со овој хибриден систем делува ненаметливо и исклучително практично, што воедно го прави  идеален за градска динамика со  чести тргни-застани рути.

Дизелскиот агрегат немавме прилика да го испробаме на ова патување, но според производителот преработениот агрегат ги исполнува најновите и построги нормативи поставени од европските бирократи. Неговото враќање во понудата се должи пред се на барањето од деловните корисници чии возила често се користат на долги релации и изминуваат голема годишна километража, за што комбинацијата помеѓу дизелскиот агрегат со 130 КС и 8 степениот автоматски менувач се сметаат за идеален двоец.

Динамика на завидно ниво

Крајбрежната магистрала околу Ерисеира и патиштата кои водат кон внатрешноста на земјата ја откриваат најсилната страна на 308, а тоа е динамиката. Малиот волан овозможува директно управување, а суспензијата која е дополнително прецизно подесена се грижи за стабилноста во свиоците, но во исто време подвозјето ја поседува и онаа „француска“ мека и кофорна нота, постугнување кое сметаме дека е импресивно за преставник од оваа класа. Кај 308 се забележува дека е автомобил кој мотивира да биде возен без разлика на изведбата, „хечбекот“ е поагилен и поцврсто поставен во свиоци, додека „караванот“ нуди за нијанса поголема стабилност и комфор на повисоки патни брзини.

Peugeot

Со сите освежувања што ги донесе ова „затегнување на борите“, Peugeot го испорачува најзрелото издание на 308 досега. Моделот сега е јасно структуриран околу четири клучни столбови и се концентрирани на посилна визуелна индивидуалност, значително подобрен ентериер, најразновидната понуда на моторизации во сегментот и однесување на пат што останува меѓу најдобро подесените во класата. Резултатот е автомобил кој успева да ги спои стилот, технологијата и возачката динамика на начин што веќе ретко се среќава во оваа категорија. А со новото осветлено лого, 308 тоа го демонстрира уште при првиот визуелен контакт.

Набрзо очекуваме да имаме можност обновената 308-ка да ја тестираме и на домашен терен, каде што ќе имаме повеќе време да ги потврдиме нејзините подобрени карактеристики и да ја заокружиме целосната слика за моделот.

Peugeot

Peugeot Polygon

Новиот дизајнерски и технолошки код на францускиот бренд

За време на интернационалното тест возење на обновениот Peugeot 308, домаќините ни приредија пријатно и неочекувано изненадување. Покрај деталното запознавање со модернизираниот модел, добивме и ретка можност накратко да се запознаеме со најновиот концептен автомобил на марката, возило преку кое Peugeot ја визуелизира својата визија за иднината. Овој концепт не е само дизајнерска студија, туку јасна најава за насоката во која ќе се движат нивните модели што треба да пристигнат на пазарот во блиска иднина.

Peugeot

Концептот Polygon претставува еден од најзначајните студии во современата историја на брендот, бидејќи не служи само како стилска вежба, туку како целосна стратегија што ги дефинира идните визуелни, технолошки и ергономски стандарди на Peugeot. Polygon е визија која ги спојува традицијата, емоцијата и напредната технологија во еден јазик што ќе стане препознатлив за сите модели на марката во текот на следната деценија. Концептот е изграден врз идејата дека дизајнот мора да се развива без да ја изгуби врската со корените.

Polygon го задржува карактеристичниот став на Peugeot, динамична силуета  и елегантна агресивност, а сето тоа го интерпретира преку остри геометриски форми со математичка прецизност. Името „Polygon“ токму затоа симболизира структура базирана на линии, агли и чисти површини, каде секој елемент има функција и значење. Еден од највпечатливите визуелни моменти е редизајнираниот амблем со лавот во форма на штит, кој служи како почетна точка за целиот фронтален дизајнерски јазик. Светлосните „канџи“ се протегаат долж проширената маска со кој се создава нов препознатлив идентитет што ќе го гледаме кај новите генерации на Peugeot модели.

Polygon, меѓутоа, не е фокусиран само на екстериерот, тука е и најновата еволуција на i-Cockpit филозофијата, а токму тука се појавува еден од најважните елементи на целиот концепт, Hypersquare управувачот. Овој футуристички контролер, со квадратна форма и дигитални површини чувствителни на допир, ја претставува радикалната промена во начинот на управување со автомобилот поврзан со steer-by-wire технологија која ги елиминира традиционалните механички врски. Неговата улога во Polygon е клучна затоа што ја симболизира преобразбата на кокпитот, од класичен команден центар во технолошко продолжение на возачот. Peugeot веќе ја најави негова сериска примена, а првиот модел кој ќе го добие овој систем ќе пристигне веќе во 2027 година. Тоа значи дека Polygon не е далечна утопија, туку директен поглед во блиската иднина.

Peugeot

Дополнително, Polygon претставува и технолошка платформа која вклучува електрификација, сериска примена на нови софтверски архитектури, оптимизирана аеродинамика и системи за автономно управување. Комбинацијата од дигиталната минималистичка внатрешност и напредниот инфо забавен интерфејс ја носи марката во премиум технолошката сфера. По она што можевме да го видиме, слободно може да заклучиме дека Polygon е повеќе од концепт, тој е долгорочна стратегија, визуелен и технолошки компас кој ќе ги обликува сите идни генерации на модели, смела визијата на марката што го најавува новото поглавје кое е јасно насочено кон иднината.

Поврзани вести

Back to top button