fbpx

Возевме Renault Kadjar – во редизајнирано издание

Новата facelift верзија на Kadjar ни беше претставена во Париз пред неколку месеци, а ние имавме можност да се запознаеме со него на кратко дружење во соседна Србија

По продадените 450 илјади примероци, компактниот француски SUV се најде на навистина одлична позиција во својот сегмент. Ова ги мотивираше французите после три години да го освежат овој модел, а промените освен по внатрешноста и надворешноста, значително се изразени и во моторниот простор.
Со новиот Kadjar имавме прилика на кратко да се дружиме на неговата презентација во околината на Белград. Добивме можност да ја повозиме новата бензинска, како и дизел изведбата на овој модел. Новиот бензински 1.3 мотор со 140 КС, развиен во соработка со Mercedes е навистина брз и вивиден, оставајќи навистина добар впечаток. Намалената стартност се осети кај освежениот 1.5 dCi мотор со 115 КС, која е најверојатно резултат на исполнувањето на Euro 6d temp нормите. Сепак, може да кажеме дека сме воодушевени од овој освежен модел.

Renault Kadjar | 
Renault Kadjar | 
Renault Kadjar | 

    Што се однесува до промените во надворешниот изглед, тие се поизразени во предниот дел. Предната решетка е поширока и обложена е со хромирани детали, кои придонесуваат кон поагресивниот изглед на предницата. Дневните лед светла во С облик сега ги носат и трепкачите во истатата форма. Дизајнот на долниот дел на браникот е изменет, со цел да се вклопат новите квадратни LED светла за магла, кои одлично лежат во новата хромирана рамка.

    Слични промени можат да се забележат и во задниот дел, каде што задниот браник добил нов изглед, со интегриран дифузер. Во него сега се интегрирани и новите LED светла за магла и возење наназад, а во ослободениот простор на задните светла се сега два реда лед трепкачи. Дополнителни новитети во надворешниот изглед се новите 17 и 19-инчни фелни, како и проширената палета со три нови бои: Oural Green, Iron Blue и Highland Grey.

    Внатрешноста исто така подлежи на промени и подобрувања. Средишниот панел сега е опремен со нов 7-инчен мултимедијален екран на допир подржан од R-Link 2 интерфејсот, додека пак контролите на клима уредот сега се помодерни и полесни за ракување. Благодарение на поергономските седишта со поквалитетна изработка во пена со различна цврстина, новиот Kadjar е поудобен од својот претходник.

    Удобноста е исто така надополнета со лизгачкиот потпирач за рака поставен во предниот дел, како и новите вентилациски отвори поставени на крајот на централната конзола, за задната клупа. Палетата на амбиентални бои на интериерот е сега проширена.

    Како што споменавме, кај промените во поглед на погонскиот дел, новиот Kadjar сега е опремен со понапредни и поефикасни бензински и дизел агрегати, кои ја исполнуваат еколошката норма Euro 6d temp. Новата гама е предводена од 1.3 литарскиот TCe турбо мотор развиен во соработка со Mercedes, кој е достапен во две варијанти од 140 и 160 коњски сили, односно 240 и 260 Nm вртежен момент. И кај двете изведби достапен е изборот помеѓу рачен и автоматски менувач со двојна спојка.

    Во дизел понудата се наоѓа новиот 1.5 Blue dCi мотор, кој е опремен со системот за селективна каталитичка редукција преку течноста AdBlue. Овој мотор испорачува моќност од 115 коњски сили и вртежен момент од 260 Nm, а доаѓа со погон на предните тркала. Втората опција од дизел палетата е новиот 1.7 Blue dCi мотор, со излезна моќност од 150 коњски сили и вртежен момент од 340 Nm. Опцијата на погон на сите четири тркала е достапна кај овој мотор.

    За цените околу новиот Kadjar ќе мора да се стрпиме уште малку, до неговата премиера за македонската јавност, иако од Аутомотив Груп добивме информација дека стартната цена ќе биде 22.490 евра.

    Поврзани вести

    Back to top button