VW го најави ID.5 GTX концептот пред дебито во Минхен
Германскиот производител со првите тизер фотографии го најави концептот ID.5 GTX кој своето деби треба да го има на Салонот за автомобили во Минхен
Volkswagen ги објави првите фотографии кои ја откриваат формата на ID.5 GTX концептот. На официјалните фотографии е прикажан камуфлираниот прототип, а моделот ќе ја доживее својата премиера на Салонот во Минхен во септември, но во предпродукциска форма. Станува збор за првиот SUV-купе модел кој ќе биде базиран на MEB платформата на групацијата, а по она што може да се види од достапните фотографии, продукциската верзија ќе изгледа речиси идентично како и овој модел.
Со оглед на тоа дека го носи суфиксот GTX, оваа варијанта на ID.5 ќе биде насочена кон перформансите. Имено, GTX индексот е наследник на GTI, GTD и GTE со цел да ги нагласи перформансните способности во светот на електричната мобилност, односно овој суфикс ќе го добијат сите спортски електрични модели.
Визуелно, прототипот не изгледа многу поразлично од ID.4 GTX, особено на предниот дел каде што фасциите се практично идентични. Но, на задната страна приказната е поинаква благодарение на навалените С-столбови и широките хоризонтални линии подвлечени од страна на LED задните светла со 3D ефект.
Иста механичка поставка како ID.4 GTX
VW ID.5 GTX концептот ќе се напојува со два електромотори, по еден на двете оски и се очекува вкупната системска моќност да изнесува 299 КС. Толкава моќност има и механички идентичниот ID.4 GTX, а во случајот на ID.5, литиум-јонската батерија ќе обезбеди опсег на движење од речиси 500 километри според WLTP циклусот.
Вреди да се напомене дека најновиот додаток во Volkswagen ID поставата ќе има нешто поголем опсег на движење во однос на ID.4 GTX, иако и двата модели ја користат истата 77 kWh батерија, иако од Volkswagen велат дека бројките може да варираат за продукциската верзија зависно од спецификациите.
VW истанува дека ќе ја лансира продукциската верзија на електричниот купе-кросовер концепт во текот на следната година и со тоа ќе стане вториот продукциски GTX модел на брендот. И ID.4 GTX и ID.5 GTX се дел од амбициозните планови на производителот да го зголеми својот удел на целосно електрични модели во европската продажба на 70 проценти до 2030 година.