VW Golf GTI Clubsport 45 во чест на 45-годишнината на GTI
Volkswagen официјално го претстави новиот Golf GTI Clubsport 45, специјална верзија во чест на 45-годишнината од лансирањето на оригиналниот Golf GTI
Volkswagen за прв пат го лансираше Golf GTI во 1976 година, а сега во чест на 45-годишнината на моделот лансира и специјална едиција наречена Golf GTI Clubsport 45. Базиран на регуларниот GTI Clubsport, новата специјална едиција на Clubsport 45 нуди уникатен изглед кој вклучува црн покрив и соодветен покривен спојлер, ексклузивниот Race пакет, како и 19-инчни Scottsdale тркала од лесна легура со високо сјаен црн финиш и Tornado Red акцент. Тука е и бројката 45 која се наоѓа на задниот долен дел од автомобилот.
Race Package со себе носи спортски издувен систем и го отстранува ограничувањето на максималната брзина од 250 километри на час. Новиот Golf GTI Clubsport 45 исто така се одликува и со Matrix LED предни светла. Ентериерот на најновата специјална едиција на Golf GTI пристигнува со премиум спортски седишта со GTI натписи, додека спортскиот управувач сега ја има и бројката 45 на централниот крак.
Под хаубата, се си останува исто како и кај стандардниот Volkswagen Golf GTI Clubsport. Тоа значи 2,0-литарски турбо четирицилиндерски мотор со 296 КС и 400 Nm максимален вртежен момент во кобминација со седумстепен автоматски менувач со двојна спојка, кој моќноста ја испраќа на предните тркала. Спринтот од нула до „стотка“ се стигнува за помалку од шест секунди, а трансмисијата се одликува и со пократко менување на брзините отколку кај стандардниот GTI.
Инаку, сите VW Golf GTI Clubsport модели пристигнуваат и со VAQ електромеханичко заклучување на предниот диференцијал наместо електронскиот XDS систем кој се наоѓа кај стандардниот GTI. Адаптивниот систем на потпирање исто така е унапреден.
Новиот Volkswagen Golf GTI Clubsport 45 од 1 март се наоѓа во продажба на одредени европски пазари, а почетната цена е 47.790 евра на матичниот пазар во Германија.