VW планира нови инвестиции за Германија
Во најкраток можен рок, надзорниот одбор на Volkswagen ќе одобри зголемување на инвестициите на компанијата во нејзината фабрика во Цвикау, во Источна Германија
Долги години таму се произведуваше „гордоста на ДДР” – легенадата Trabant, но сега во фабриката се составуваат Golf, Passat и купе верзијата на Bentley Bentayga. Според најавите со зголемување на капацитетите на погоните во блиска иднина, во план е производство и на електрични возила. Како што е познато германската компанија планира да инвестира повеќе од 20 милијарди евра во развој на електричната мобилност до 2030 година, вклучувајки и развој на батериите и модернизација на фабриките, а на листата за дополнителни инвестиции е и таа во Цвикау. Во неа моментно работат речиси 9.000 лица, а во 2020 фабриката треба да почне со производство на првиот масовен електромобил на VW – хечбекот I.D.
Според извори од VW, производството на автомобили со мотори со внатрешно согорување ќе биде преместено во Волфсбург и Емден, за да може да се зголеми капацитетот на фабриката во Цвикау за производство на електрични возила. Се претпоставува дека одлуката за зголемување на инвестициите за електрични возила во Цвикау ќе биде донесена уште во крајот на оваа недела, кога ќе се состане Надзорниот одбор на VW.