VW наскоро ќе ги објави плановите за влез во F1
Долгата сага помеѓу Volkswagen Групацијата и Formula 1 би можела наскоро да дојде до својот крај
Volkswagen Групацијата се посериозно се подготвува за влез во Formula 1, а ваквите најави траат веќе подолго време. Тензичната сага, околу тоа дали VW ќе влезе во F1 или не, наскоро ќе дојде до својот крај, откако неименувани извори кои се добро запознаени со случувањата откриваат дека зеленото светло за двата бренда да ја објават соработката ќе пристигне наскоро.
Одобрувањето кое се очекува и од Volkswagen и од Formula 1 ќе биде дадено на состанок кој ќе се одржи во текот на оваа недела, пренесува Reuters. „Се надеваме дека ќе можеме да ја искомуницираме нашата желба за влез во F1“, вели едниот извор, а другиот истакнува дека постојат „добри шанси“ за позитивна одлука.
Како што веќе истакнавме, веќе подолго време има најави за влез на Audi и Porsche во F1, а од McLaren дури и потврдија дека имале разговори со Audi за откуп. Извршниот директор на McLaren Racing, Зек Браун, пак, истакна дека договорот не е неизбежен.
„Ако одлучат да влезат, тогаш постои разговор кој треба да се одржи, но во моментов, не сакаме да имаме било какви разговори се додека не знаеме дека некој е целосно посветен на спортот“, истакна Браун.
Porsche ќе влезе од 2026
Истиот извештај тврди дека Audi ќе понуди 500 милиони евра за тимот. Од друга страна, Porsche има намера да оформи долгорочно партнерство со Red Bull кое ќе започне за неколку години.
Влезот на Porsche во F1 се очекува да започне по 2026 година кога новите регулативи за Formula 1 моторите ќе стапат на сила со претставување на синтетичките горива со обид да се одржи спортот релевантен. Porsche инвестира сериозни пари во оваа технологија и веќе користеше е-гориво во своите тркачки автомобили.
VW Групацијата се повлече од голем број врвни мотоспорт шампионати во изминатите години. Нивниот обид за влез во најпознатиот и најпопуларниот тркачки спорт, сепак, се комплицира поради глобалните настани како што е пандемијата и руската инвазија врз Украина, кои создаваат неизвесност во глобалната економија.