VW Nivus започна со производство во Бразил, догодина и во Шпанија
Volkswagen во Бразил го започна производството на новиот кросовер со купе форма наречен Nivus, а кој од следната година ќе пристигне и во Европа
Лансирањето на VW Nivus претставува значителен настан за бразилската подружница на германскиот производител, со оглед на тоа дека станува збор за првиот модел на овој бренд кој е развиван и произведен во Бразил со амбиции подоцна да го освои и европскиот пазар. Верзијата на Nivus за Латинска Америка, како што е напоменато, ќе се произведува во Бразил, додека европската верзија ќе започне со производство во 2021 година, во градот Памплона во Шпанија.
https://youtu.be/-M3efLCQkfg
Шпанија како локација не е избрана случајно од страна на Volkswagen, бидејќи во истиот погон во Памплона се склопуваат VW Polo и кросоверот VW T-Cross, со кои новиот Nivus ја дели MQB-A0 механичката платформа. Во Volkswagen очигледно размислувале одбапред, па во тимот кој го проектираше новиот кросовер вклучија и 30-тина луѓе од фабриката во Памплона, со цел да се забрзаат подготовките за почетокот на производството на европската верзија на Nivus во Шпанија.
Уште една интересна работа поврзана со новиот Nivus е тоа што истиот развиен без меѓуфаза во вид на физички прототип, туку дизајнерите и инженерите користеа исклучиво виртуелни, компјутерски генерирани прототипови. Резултатот е тоа што продукциската верзија е комплетирана за само 10 месеци, велат од Volkswagen.
Јужноамериканската верзија на Nivus ќе пристигне во бразилските продажни салони во следните недели, по што ќе започне продажбата во Аргентина. Купувачите во Европа ќе можат да го очекуваат во втората половина од 2021 година.
Субкомпактниот Nivus за почетокот ќе се нуди со 1.0 TSI трицилиндричен бензинец со 116 КС, односно 128 КС во верзијата со етанол, а ќе биде достапен во комбинација со шестстепен автоматски менувач. Во Европа се очекува во палетата на мотори да се најдат 1.0 и 1.5 TSI бензинските мотори и 1.6 TDI дизел варијантата.