fbpx

VW објави нови тизери за Amarok, за првпат го прикажа ентериерот

Volkswagen објави нови тизер фотографии за новата генерација на Amarok, во кои се вклучени цртежи од надворешноста, но и внатрешноста на моделот

Новата генерација на Volkswagen Amarok официјално ќе биде претставена во 2022 година, потврди германскиот производител, а за таа цел објави серија на нови тизери во форма на цртежи на кои се прикажани екстериерот и ентериерот. Моделот ќе се произведува во Јужна Африка, а ова е првпат VW да најави како ќе изгледа внатрешноста на нивниот пикап модел. Во споредба со претходните тизери објавени во 2020 и 2021, новите цртежи прикажуваат нешто поеволутивен дизајн кој е поблизок со продукциската верзија.

Целосно новиот Amarok ќе го споделува своето подвозје со Ford Ranger, но ќе има поинаков дизајн. И покрај тоа што некои делови ќе бидат идентични меѓу двата популарни пикапи, Amarok ќе добие уникатни панели на каросеријата со што ќе го прифати сопствениот дизајнерски јазик на Volkswagen.

На предниот дел фаровите се интегрирани во решеттката и се споени со LED лента, додека извајаната хауба и мускулестите предни крила му даваат робусен елемент на пикапот. Во најновиот тизер, Amarok е прикажан со оф-роуд пневматици и дополнителна опрема на покривот како дел од Wilderness Foundation Africa кампањата за заштита на носорозите. Актуелниот модел асистираше во истата улога за заштита на дивиот свет во Јужна Африка од 2011 година.

Продажбата во Европа почнува кон крајот на 2022

Вториот цртеж за првпат ни го открива ентериерот. Сличностите со Ranger се евидентни, пред се кога станува збор за големиот екран на допир и дигиталниот инструмент кластер. Но, забележливи се и разликите, вклучително VW управувачот, редизајнираната контролна табла со големи простори за складирање и тримот на седиштата.

Од Volkswagen се горди на „оф-роуд“ способностите на новиот Amarok истакнувајќи дека „нема да биде запрен од ниту еден тежок терен“. Компанијата исто така истакнува дека новата генерација ќе се „одликува со иновации кои не се претходно видени во овој сегмент“, заедно со „значително повеќе системи за асистенција на возачот“.

Новиот пикап е развиен од тимовите во Австралија и Европа. За разлика од својот претходник кој е произведуван во Хановер, Германија, новиот Amarok ќе се произведува во Силвертон, Јужна Африка, а ќе продолжи да се склопува во Пачеко, Аргентина. Продажбата во Европа ќе започне кон крајот на 2022 година, а потоа ќе следуваат и останатите пазари.

Поврзани вести

Back to top button