VW Touareg сега и со 415 КС
Новиот T-Roc R нема да биде единствениот моќен SUV со кој Volkswagen ќе се пофали на автомобилскиот саем во Женева
Германскиот производител објави дека новиот Touareg ќе дебитира во Женева со осум цилиндарски турбо дизел мотор, односно најмоќниот мотор кај овој SUV. Се работи за 4,0 литарска TDI единица, која испорачува излезна моќност од 415 коњски сили и вртежен момент од 900 Nm. Новиот V8 е во согласност со најновите еуро 6д темп стандарди.
Поврзан е со осум-степен автоматски менувач и стандардниот 4Motion AWD, кои му овозможуваат на моќниот SUV од 0 до 100 километри на час да забрза за само 4,9 секунди, додека пак максималната брзина му е електронски ограничена на 250 километри на час.
Покрај помоќниот мотор, во пакетот на новиот Touareg се вклучени и воздушната суспензија, кожни тапацири, електрична багажна врата, удобни седишта, алармен систем против кражба, педали од нерѓосувачки челик, автоматски фарови, како и автоматско затемнување на страничните ретровизори. Дополнително, како дел од o1000 опрема на овој модел спаѓаат и 19-инчните Тирано алуминиумски тркала.
Новиот V8 Touareg ќе биде достапен во стандардните стилски пакети Elegance и Atmosphere. Првиот пакет нуди ентериер во кој доминираат метални и ладни тонови на бои, додека вториот нуди потопол амбиент благодарение на изработките од дрво и природните тонови.
Овој SUV ќе биде достапен на пазарот во Европа кон крајот на мај месец оваа година.