Wami Lalique Spyder е најновиот проект на Ares Design
Ares Design го претстави Project Wami во 2018 година, а сега пристигна и продукцискиот модел наречен Wami Lalique Spyder
Wami Lalique Spyder влече инспирација од „роудстер“ моделите од 50-тите години на минатиот век и речиси претставува копија на Maserati A6G/2000 Spyder by Frua од 1956 година. Сепак, станува збор за многу помодерна интерпретација бидејќи изобилува со рачно изработени карбонски материјали и алуминиумска каросерија.
На предниот дел доминира елипсоидната решетка околу која се наоѓаат кружните светлечки единици. Исто така има и мал отвор на хаубата, отвори за воздух кај предните крила и тркала со ретро дизајн. Меѓу останатите забележителни стилски елементи се наоѓаат и мекиот покрив на склопување, светлите прагови и ретровизорите со ретро шмек. Тука е и хромираниот издувен систем со четири завршетоци.
Во кабината на Wami Lalique Spyder се мешаат модерни акценти со старински шарм, со тоа што аналогните инструменти се заменети со дигитален екран. Моделот исто така се карактеризира и со инфозабавен систем како и двобојна централна конзола со дрвен трим. Забележливи се и кружните отвори за воздух, аналогниот часовник и италијанските кожни седишта. Други интересни моменти се рачно изработените кристални украси, кои се направени од францускиот производител Lalique.
Ко-основачот и извршен директор на Ares Design, Дени Бахар, го опишува Wami Lalique Spyder како „ултимативен луксузен додаток“, кој ветува дека ќе биде „уживање за себе“.
„Сопствениците ќе можат да ја оживеат романтиката на патувањето кое е синоним за Азурниот брег и Амалфи брегот во 50-тите години од минатиот век со ова прекрасно ремек-дело“, изјави Бахар.
Компанијата веќе ги отвори нарачките, а првиот производствен циклус ќе биде ограничен на 12 единици.