X Speedium Coupe е нов елегантен електричен концепт на Genesis
Премиум марката на Hyundai, Genesis, го претстави својот нов концептен автомобил кој ја најавува иднината на своите електрични возила
Genesis X Speedium Coupe е новиот концепт на корејскиот премиум бренд со кој се најавуваат идните електрични автомобили на Genesis. Концептот всушност претставува еволуција на Genesis X кој беше претставен минатата година, но сега е наменет за електричната ера.
Концептот е инстантно препознатлив, а моделот добива целосно затворена верзија на Crest решетката со која се одликува компанијата. Ова не е единствената промена бидејќи „квад“ светлечките единици сега се поврзани со дневни светла со цел дополнително да се нагласи формата на решетката. Од Genesis велат дека дизајнот „носи ЕВ лик кој ја симболизира трансформацијата на компанијата кон станувањето на целосно електричнен бренд за автомобили со постава од шест модели до 2030 година“.
Остатокот од концептот Genesis X Speedium Coupe е прилично еволутивен, заедно со минималистичкиот пристап на дизајнот. Покривот нешто поиздолжен и малку потсетува на shooting brake каросериска изведба, додека на задниот дел се наоѓа спојлерот и поагресивниот браник со дифузер.
Од Genesis не ги открија спецификациите, но Лук Донкерволке, извршниот креативен директор на корејската марка истакна: „Овој автомобил е момент на отворена врата на Genesis за патешествието кон нашиот иден ЕВ дизајн. Ова не е шоу автомобил, ова е поглед во нашиот дизајнерски процес и истражување на идеи за следниот бран на електрични возила кои ќе ја инкорпорираат ДНК-та на Genesis“.