За 20 години ќе се купуваат повеќе електрични возила
Продажбата на електрични возила би можела значајно да порасне во текот на следните две децении се вели во анализата на светскиот пазар на Bloomberg New Energy Finance
И покрај се поголемата понуда на електрични возила на пазарите ширум светот, каде предничи Кина, продажбата на автомобили на струја и натаму е занемарлива во однос на вкупниот пласман на возила. Но, ако му поверуваме на најновиот извештај од анализата на пазарот за идните две децении на Bloomberg, ваквата состојба постепено ќе се менува, па проджбата на електрични возила во 2040 година ќе биде 55% од вкупниот пласман на нови автомобили.
Истиот извор наведува дека веќе во 2025 година во светот ќе бидат продадени 11 милиони автомобили на струја, а во 2040 дури 60 милиони. Во извештајот се напоменува дека до 2040 секое трето возило на патиштата низ светот ќе биде на електричен погон. Bloomberg тврди дека експанзијата на електрични автомобили во наредните две децении ќе се должи на падот на цената на оваа врста на возила.
До израмнување на цените на електромобилите со оние на бензин и дизел (без субвенции) ќе дојде меѓу 2024 и 2029 година. Тогаш понудата од сегашните близу 150 модели ќе порасне на над 300. Се предвидува дека Кина ќе остане лидер по бројот на продадени електрични возила, а во 2020 година на купувачите ќе им бидат испорачани близу 50% од вкупната бројка на пласирани единици во земјата. Во Европа во овој период бројката на вкупно продадени електромобили ќе биде околу 14%, а во САД нешто помалку – 11%.