ZF го претстави дво-степениот погон за електрични возила
Погонот на ZF е наменет за електричните патнички автомобили, а составен е од електричен мотор до 140 kW, менувачки елемент и моќна електроника
Германската компанија го претстави погонот наменет за целосно електричните патнички возила, кој го комбинира ново развиениот електричен мотор со максимална моќност од 140 kW, со менувачки елемент и моќна електроника. Менувачот е со цел да ја зголеми ефикасноста, како и опсегот на електричните автомобили.
ZF сака да го пренесе своето знаење за менувачите во делот на електромобилноста. „За електричните возила во секојдневната употреба, важно е да се добие колку што е можно повеќе опсег од секое полнење на батеријата. Секој процент од подобрувањето на ефикасноста на конверзијата на енергија се претвора во два проценти повеќе опсег“, изјави Берт Хелвиг, шеф на E-Mobility системот на ZF.
Според ZF, две сценарија се можни – или во насока на ефикасност или перформанси. Во стандарден режим, степенот се менува на 70 km/h. Бидејќи преносот е поврзан со CAN-комуникацијата на возилото, стратегијата за промена исто така може да се оптимизира кон потрошувачка, на пример во случај на нагорнини и надолнини. Доколку пак следната станица за полнење е премногу далеку, преносот може да се префрли во Еко работниот режим.
Во перформансните возила, проблемот на изборот помеѓу високиот почетен вртежен момент и високата максимална брзина е сега елиминиран. „До сега, со електричните мотори, производителите мораа да избираат помеѓу висок почетен вртежен момент и висока максимална брзина. Овој конфликт е сега решен со новиот погон, кој ќе биде компатибилен за перформансни и потешки возила, на пример за патнички автомобил што влече приколка“, изјави Хелвиг.
Според ZF, новиот електричен погон треба да биде флексибилен при употреба. Од една страна, тој треба да биде соодветен за компактните патнички автомобили поради неговиот оптимизиран дизајн. Модуларниот дизајн на новиот пренос значи дека треба исто така да може да се вклопи и кај тешките возила, кои на пример можат да влечат приколка. Ова значи дека новиот пренос може да одговара на различните поставени барања.