Жил Видал ги открива тајнитe за концептите на Peugeot
Peugeot во текот на вчерашниот ден организираше обраќање во живо на директорот за дизајн Жил Видал преку својот официјален Instagram профил
Откако Peugeot 208 неодамна ја освои престижната награди за европски автомобил на годината (Car of the Year 2020), повторно се покажа дека со својот впечатлив надворешен дизајн совршено се вклопува во подемот на Peugeot. Францускиот производител на автомобили по шести пат ја освои наградата за дизајн, а Peugeot 208 и 2008 го импресионираа меѓународното жири со својот спортски надворешен изглед и квалитетот на завршната обработка поради што сосема заслужено ја добија и престижната Red Dot наградата за Product Design.
Токму поради тоа, во текот на вчерашниот ден Peugeot организираше дружба во обид „да ги открие најдобро чуваните дизајнерски тајни на компанијата“, каде преку официјалниот Instagram профил се обрати директорот за дизајн на Peugeot Жил Видал. Видал во своето обраќање се осврна на стилските занимливости на Peugeot особено на најновите и последните концептни автомобили развиени од страна на францускиот производител.
Концептите овозможуваат предвидување на иднината
Првиот човек во дизајнерскиот сектор на Peugeot ги објасни значењето и важноста на концептните автомобили кога станува збор за растот на францускиот производител. „Концептите се фантастични предмети кои не ги пуштаме во производство. Тие претставуваат експериментални предмети од естетски причини, за да можеме да експериментираме кога станува збор за внатрешноста, надворешноста, технологиите, за концептот на нов облик, силуета… Потребни ни се да можеме да истражуваме, одреден дел од автомобилите да ги однесеме до границите преку истражување на непознати работи. Концептите се важни и за истражување на материјалите со кои ги произведуваме. Самиот факт што не се лимитира нивото на иновација ги прави концептните автомобили идеален тест полигон за сите развојни тимови кои соработуваат за реализација на еден автомобил“, вели Видал и додава:
„Концептите ги користиме за да го претставиме начинот на кој ги гледаме идните автомобили, со едноставност, се обидуваме да ги направиме пријателски за околината, да користиме помалку материјали, да најдеме начин да креираме некои елементи за пократко време. Логиката е да ги комбинираме дигиталното и физичкото. Концептите претставуваат едноставност во тоа како се се произведуваат автомобилите, како се составуваат. Концептите се фантастични производи, тие значат многу кога станува збор за индустриското и технолошкото истражување. Силуетата на автомобилот е мошне важна. На пример, кога станува збор за седаните. Преку концептите ние истражуваме какви ќе бидат идните димензии, дали да ги правиме пократки, полесни. Затоа, концептните автомобили се еден вид став, за тоа што ќе произведуваме во иднина“, истакна Жил Видал.
Стилската еволуција на Peugeot
Шефот на дизајнерите во Peugeot се осврна и за стилската еволуција на компанијата во последните години, низ патот кој неизбежно се поклопува со новите трендови во автомобилската индустрија како што е електрификацијата и автономното возење. Видал се осврна и на концептот Peugeot Onyx, спектакуларен спортски автомобил со две врати во чија шасија се имплементирани материјали како бакар и карбон. Претставен на Салонот во Париз во 2012 година, Peugeot Onyx се карактеризира со модерен дизајн, со едноставни линии и минималистички пристап кои ја нагласуваат аеродинамиката на автомобилот, притоа погрижувајќи се визуелниот импакт да има комплетна вредност.
„Кога го направивме Onyx концептниот автомобил целта беше да се истражува напојувањето. Onyx имаше одлични перформанси, но исто така експериментиравме и со минималистичкиот пристап кон материјалите, начинот на кој ги изработувавме седиштата или централната конзола. Благодарение на Onyx, новиот 508 го направивме пократок, понизок, со подобра аеродинамика. Onyx ни овозможи да ги тестираме тие работи пред да ги имплементираме во сериските производи“, изјави Видал.
Тој исто така додаде дека по Onyx, стилското патување на Peugeot доживува футуристичка еволуција. Дизајнот на францускиот производител почнува да се испреплетува со се што вклучува усвојување на електричен или хибриден погон, поради што се соочиле со помалку конструктивни ограничувања, како и претставувањето на автономното возење, што како последица значи дека ќе мора одново да се осмисли внатрешноста на автомобилите со цел да се оспособат да можат да понудат ново ниво на комофорт и нови инфозабавни елементи, со оглед на тоа дополнителното „слободно време“ кое патниците ќе го имаат во автомобилот без потребата директно да управуваат со возилото.
Тајната на успехот
Жил Видал ги посочи и својот омилен концепт и омилен автомобил од Peugeot. „Омилен ми е Peugeot Oxia од 1980 година, а 402 е најдобриот автомобил. Специјалната серија е интересна поради својата форма. Моделот е од 1935 година, а тогаш се случуваат првите сериозни истражувања за аеродинамиката“, изјави Видал, притоа откривајќи го тајниот рецепт за да се дизајнира најдобриот автомобил на светот:
„Секогаш треба да се ставите во улогата на клиентот, што би посакувале тие? Треба да бидеме амбициозни и креативни. Низ историјата луѓето се плашеле да купуваат автомобили со чудна форма, секогаш треба да знаеме што клиентите би сакале да добијат како финален производ. Дизајнот е многу важен, луѓето сега бараат поблаг и покреативен дизајн, автомобилите мораат да бидат секси, атрактивни. Создавањето на идната естетика мора да се одликува со дизајн, елеганција, едноставност. Треба да се вклопиме во приказната на Peugeot. Треба да измислиме се што е креативно, но сакаме да се држиме до нашиот бренд. Тоа е трикот за совршен автомобил“, вели шефот на дизајн во Peugeot.
Секогаш инспирирани од љубопитност, како што вели Жил Видал, како и од обидот да се антиципира насоката кон која тежнее општеството и замислувајќи го новиот животен стил на луѓето, последните концепти на Peugeot се обидуваат да го конкретизираат автомобилот како околина за живеење, а не само како средство за транспорт. Во некои случаеви, привлечноста на традицијата и историјата на Peugeot е исто така силна, со голем успех во хармонизацијата и усогласувањето меѓу минатото и иднината на францускиот „Лав“.