fbpx

„Жртва“ на SUV-манијата, Bentley го испраќа Mulsanne во историјата

Bentley оваа пролет ќе стави крај на производството на својата голема суперлуксузна лимузина, а една од причините е намалениот интерес на купувачите

Британскиот производител на луксузни автомобили кој е во сопственост на групацијата Volkswagen, во следните месеци ќе престане да го произведува моделот кој претставуваше голема конкуренција на пазарот за Rolls-Royce Phantom. Судбината на луксузната лимузина Mulsanne ја запечати слабата продажба на овој модел, потврди шефот на брендот Bentley, Едриен Холмарк.

Тој призна дека големите лимузини, како што е Mulsanne, ја сочинуваа основата на компанијата во текот на нејзината историја долга повеќе од еден век, но интересот на купувачите од година во година е се помал. Како што вели тој, во Bentley се принудени да го згаснат производството на Mulsanne, иако според бројот на продадени примероци тој го надмина својот конкурент Rolls-Royce Phantom.

Bentley Mulsanne

Холмарк открива дека компанијата во 2019 година испорачала само околу 500 возила, додека во времето на неговиот претходник, моделот Arnage, Bentley во просек годишно изработувал и продавал околу 1.200 вакви големи лимузини. Слабата продажба влијаеше на одлуката на менаџментот да не развива директен наследник на моделот Mulsanne, кој се произведува од 2010 година, бидејќи сметаат дека тоа претставува неисплатлив проект за компанијата. Сето ова покажува дека растот на SUV возилата го зема данокот кога станува збор за популарноста на седаните, дури и на врвот на „ланецот на исхрана“ каде што Mulsanne некогаш гордо стоеше.

Flying Spur ќе биде новиот знаменосец на Bentley меѓу седаните

Сепак, за оние кои и понатаму ги преферираат суперлуксузните лимузини, на располагање им е нешто помалиот модел Flying Spur, чија најнова генерација дебитираше во 2019 година. Холмарк потсетува дека Flying Spur е мошне популарен и дека е дури шестпати попродаван од моделот Mulsanne.

Се смета дека на падот на интересот од страна на купувачите влијаеше и појавувањето на SUV моделот Bentayga, со оглед на тоа дека овој автомобил сочинува речиси половина од годишната продукција на компанијата Bentley. Имено, Bentley минатата година направил вкупно 11.006 автомобили и речиси половина од ова припаѓа на Bentayga, со оглед на тоа дека продажбата на SUV моделите се зголеми за 18 проценти споредено со 2018 година. Моделот Mulsanne воопшто не беше споменат во соопштението од компанијата базирана во Кру кога се објавуваа продажните резултати. Ова обично се случува кога продажбата на некој модел е толку ниска што производителот воопшто и не се труди да зборува за тој автомобил.

Така, Mulsanne ќе замине во историјата, но Bentley ќе се обиде достојно да ја испрати во пензија својата суперлуксузна лимузина. Имено, британската компанија ќе понуди лимитирана серија наречена 6.75 Edition која ќе биде ограничена на 30 примероци, по што ќе го промовира Flying Spur како нов знаменосец меѓу седаните на компанијата. Холмарк сепак признава дека третата генерација на Flying Spur не ја исполнува во целост дупката која ќе настане со заминувањето на Mulsanne меѓу легендите, но „речиси“ ја исполнува работата.

Поврзани вести

Back to top button